/Прочитано:

583

Целосен текст на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата

Академик го објавува целосниот текст на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата. Законот е преземен од Академика.

Закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плат

Член 1

Со овој закон се уредува висината и условите за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата (во натамошниот текст: субвенционирање на придонеси).

Член 2

Целта на овој закон е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој на Република Северна Македонија.

Член 3

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1) „Обврзник за пресметка и уплата на придонесите“ е работодавач и самовработено лице согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (во натамошниот текст: обврзник);

2) „Осигуреник“ е физичко лице задолжително осигурено според законите кои го уредуваат системот на задолжително социјално осигурување;

3) „Прв месец на субвенционирање“ е месецот кога обврзникот прв пат остварил субвенционирање на придонесите за определен осигуреник согласно овој закон;

4) „Референтен период“ се три последователни месеци кои претходат на месецот за кој обврзникот прв пат остварува субвенционирање на придонесите за определен осигуреник во кои осигуреникот нема отсуство од работа поради привремена спреченост од работа, без оглед на остварениот број на часови на работа во референтниот период што осигуреникот ги поминал на работа кај тој обврзник;

5) „Референтна основна плата“ е просечната месечна нето-плата, која обврзникот ја исплатил за референтниот период, утврдена на денот кога обврзникот прв пат остварува субвенционирање на придонесите. Во референтната основна плата не се вклучени исплатените надоместоци на плата;

6) „Придонeси од задолжително социјално осигурување“ се придонесите за пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата, задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, здравствено осигурување, стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење, и осигурување во случај на невработеност;

7) „Зголемување на плата“ е разликата меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период и

8) „Субвенционирање на придонеси“ e уплата на придонеси од задолжително социјално осигурување од Буџетот на Република Северна Македонија во име и за сметка на осигуреникот како обврзник за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување пресметани на разликата од зголемувањето на платата утврдено во точка 7) на овој член.

Член 4

(1) Субвенционирање на придонеси може да користи обврзникот кој:

– има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси, односно не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење согласно Законот за трговските друштва и

– нема доспеани обврски по основ на бруто-плата до денот на побарување на субвенционирање на придонеси.

(2) Субвенционирање на придонеси може да користи обврзник за осигуреник кој бил во задолжително социјално осигурување кај тој обврзник во сите месеци од референтниот период.

(3) Субвенционирање на придонеси може да користи обврзник за осигуреник за кој има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.

Член 5

Субвенционирање на придонеси не може да оствари:

– орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје,

– приватна агенција за вработување за осигуреник кој е отстапен кај работодавач од алинејата 1 на овој член,

– обврзник кој за осигуреникот користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или данок на личен доход согласно закон или друг основ, за период додека ја користи субвенцијата, односно ослободувањето,

– обврзник кој за осигуреникот користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, за периодот додека ја користи мерката и

– обврзник кој за осигуреникот за кој побарува субвенционирање на придонеси му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Член 6

(1) Обврзникот не е должен да уплатува придонеси од задолжително социјално осигурување за износот за кој е одобрено субвенционирање на придонеси.

(2) Највисокиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето-плата до 6.000 денари месечно по осигуреник.

(3) Најнискиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето-плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник.

Член 7

(1) Обврзникот во Месечната пресметка за интегрирана наплата, што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на придонеси внесува ознака објавена од страна на Управата за јавни приходи.

(2) Управата за јавни приходи за обврзникот кој побарува субвенционирање на придонеси за осигуреникот, ја проверува исполнетоста на условите од членовите 4, 5 и 6 од овој закон.

(3) Доколку се исполнети условите од членовите 4, 5 и 6 од овој закон, Управата за јавни приходи, го намалува износот од обврската за социјалните придонеси за износот на одобреното субвенционирање на придонесите.

(4) Доколку не се исполнети условите од членовите 4, 5 и 6 од овој закон, Управата за јавни приходи не одобрува субвенционирање на придонесите и го известува обврзникот за причината поради која не е одобрено субвенционирање на придонесите.

(5) Податоците за одобреното субвенционирање на придонеси во претходниот месец согласно ставот (2) на овој член, Управата за јавни приходи ги доставува до Министерството за труд и социјална политика, најдоцна до 10-ти во месецот.

(6) Износот на одобрените субвенции на придонеси во претходниот месец се исплаќа преку Министерството за труд и социјална политика, најдоцна до 25-ти во тековниот месец.

(7) Средствата за субвенционирање на придонесите се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија.

(8) Начинот на пресметката на износот за субвенционирање и постапката за субвенционирање на придонесите го пропишува министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за финансии.

Член 8

Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон вршат Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии, секој во однос на одредбите од овој закон за прашањата за кои тие се надлежни согласно закон.

Член 9

Преодни и завршни одредби

Субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите согласно овој закон, започнува да се применува со исплата на плата за месец октомври 2019 година.

Член 10

Подзаконскиот акт чие донесување е утврдено со овој закон, ќе се донесе во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 11

Овој закон ќе се применува од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година.

Член 12

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Законот за субвенционирање придонеси за зголемени плати во собраниска процедура по скратена постапка

Утврден текстот на Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување

Предлог-закон: Работодавците што ќе ги зголемат платите ќе добијат субвенции за придонесите од социјално осигурување

М.В