/ Прочитано:

3.052

Целосниот текст на Решението на Судот со кое се забранува продажбата на книгата „До атентатот и по него“ од Стојан Андов

Основниот суд Скопје 2 Скопје го објави Решението за привремена мерка, со кое се забранува понатамошната продажба и располагањето со книгата „До атентатот и по него“, чиј автор е поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

Во преметот пред Граѓанскиот суд, Андов е тужен од страна на професорот и поранешен министер за внатрешни работи Љубомир Данаилов Фрчкоски затоа што, како што се наведува во Решението, книгата изобилувала со содржина преполна со „клеветнички факти“ и дека наводите изнесени во неа содржат сериозни обвинувања за тужителот дека е сторител на повеќе кривични дела, дека е организатор и извршител на атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров.

Во Решението се образложува дека на рочиште за времена мерка полномошникот на тужителот предложил предлогот за привремена мерка да се усвои од причина што тужителот со тужбата и со дополнението на тужбата сторил веројатно дека му се повредени личните права со објавената книга „До атентатот и по него“ и дека му е нанесена непоправлива штета по неговиот углед, честа, правото на приватност и генерално неговите лични права.

„Полномошникот на тужителот појасни дека книгата нема за цел да ја информира јавноста туку да наметне на читателот и на јавноста заклучок дека тужителот е организатор, извршител, убиец и сл.“, се посочува во Решението на Судот.

Тужениот преку својот полномошник во писмен одговор на тужба наведе дека го оспорува тужбеното барање во целост. Истакна приговор на ненавременост на рокот за поднесување на тужба па предложи истата да се отфрли. Наведе дека наводите се изнесени во книжевно дело, каде тужениот имал основана причина да поверува во вистинитоста на истите, од причина што се работи за носител на јавна функција и во јавен интерес. Дополни дека најголем дел од клеветничките изјави се изјави на други луѓе и јавно објавени, а кои се однесуваат на наводите во врска со атентатот“, се наведува во Решението.

Во Решението, исто така, се наведува дека полномошникот на тужениот Стојан Андов истакнал дека времената мерка е недозволена и дека тоа би значело цензура и наредно до сите граѓани кои веќе ја купиле да не ја читаат, нешто што судот нема право да го наложи.

„Видно од содржината на тужбата, како и доказите кон неа, поконкретно книгата, судот цени дека книгата изобилува со содржина со ‘клеветнички факти’, кои се непоткрепени со докази од тужената страна, а како видно од содржината на истата произлегуваат тешки обвинувања за тужителот, дека истиот е сторител на повеќе кривични дела, дека е организатор и извршител на атентатот врз поранешниот претседател, дека е убиец и низа други кривични дел, од каде пак и произлегува намерата да му се нанесе штета за неговиот углед, кој е пред се универзитетски ценет професор, кој ужива углед меѓу неговите колеги, студенти и сограѓани, без притоа да се направи проценка за последиците кои содржината и пораката на оваа книга ќе ги предизвикаат во јавноста за тужителот лично, како и за неговото потесно семејство“, се вели во Решението на Основниот суд Скопје 2 Скопје.

Целосниот текст на Решението на Судот со кое се забранува продажбата на книгата „До атентатот и по него“ од Стојан Андов може да се преземе на следниот  линк .

М.В