/ Прочитано:

1.503

Центарот за правни истражувања и анализи ја презентираше анализата за отвореноста на судството

Во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија“, Центарот за правни истражувања и анализи денеска организираше настан „Отворено судство“, на кој беше презентирана и анализата на ЦПИА „Отвореност на судството во Република Северна Македонија“.

Поздравно обраќања на настанот имаа Рената Дескоска, министерка за правда, Рејчел Галовеј, амбасадорка на Велика Британија во РСМ, судијата Фаик Арслани, в. д. претседател на Врховниот суд на РСМ, судијата Киро Здравев, претседател на Судскиот совет на РСМ, и Лидија Стојкова-Зафировска, претседателка на ЦПИА.

Министерката за правда во своето излагање истакна дека активностите на Центарот за правни истражувања и анализи се многу корисни во насока на отвореноста на судството и дека и Министерството за правда е посветено на прашањето на транспарентноста и отвореноста на правосудството како многу важен дел за евроинтегративните процеси.

„Отвореноста на судството и неговата транспарентност претставуваат основни претпоставки за зголемување на довербата на јавноста во судството. Иако со новите закони направивме многу за транспарентноста на судовите, сепак, сметам дека правосудството најмногу го ‘отворија’ бомбите и настаните што следуваа, како и истражувачкото новинарство.

Тие придонесоа за голем број конкретни препораки и реформски активности. Денес, тие препораки се во најголем дел исполнети, но сѐ уште е нужна поголема имплементација на законите“, рече министерката Дескоска.

Британската амбасадорка нагласи дека отвореноста на судството, и воопшто на институциите, игра голема улога во градењето на свеста, но и во градењето на професионализмот и етичкиот интегритет.

Претседателот на Врховниот суд подвлече дека отвореноста на судството придонесува во борбата против корупцијата и интегритетот на судиите. Правдата, нагласи Арслани, мора да биде видлива, и тоа е во интерес на граѓаните.

Претседателот на Судскиот совет рече дека ваквите проекти и активности се многу значајни за судството, за судиите и за Судскиот совет. Тој истакна дека работата на Советот е транспарентна и отворена за јавноста и воедно најави дека од особено значење ќе биде и проектот за индикаторите за сложеност на предметите, кој исто така ќе биде реализиран од Центарот за правни истражувања и анализи.

Претседателката на ЦПИА истакна дека е клучна заемната соработка на сите чинители во процесот за создавање отворено судство што се разликува од транспарентност на судството. Во таа смисла, таа образложи дека отвореноста е поширок концепт од транспарентноста. Отвореноста на судството подразбира отворена власт, на што посочува и анализата на ЦПИА за отвореноста на судството.

„Отвореноста на судството имплицира неколку фактори, како што се: пристапот до информации од јавен карактер, отворени податоци, партиципативност, партнерство меѓу институциите и граѓанското општество. Транспарентноста е само еден од предусловите за да постои отвореност. Правосудниот систем може да биде транспарентен, но не и отворен“, се посочува во анализата, за која понатаму на настанот говореше  Константин Битраков, истражувач во МАНУ.

Битраков истакна дека е потребно е институциите да започнат доследно да ги остваруваат зададените функции, на ефикасен и на видлив начин, со поддршка на стручни лица и организации, и во тесно партнерство со граѓанскиот сектор, кој има најдобар слух за потребите и за очекувањата на јавноста од работата на правосудните органи и институциите, а со крајна цел за јакнење на довербата во правосудството и правната држава.

Денешниот настан беше заокружен со излагањата на Гордана Гапиќ-Димитриевска, национален координатор за Отворено владино партнерство, и на Жарко Хаџи-Зафиров, програмски раководител во ЦПИА, кои говореа за идните чекори на иницијативата Отворено судство како дел од Отвореното владино партнерство.

Двајцата говорници изразија уверување дека иницијативата Отворено судство како дел од Отвореното владино партнерство ќе даде огромен придонес во профилирање на отвореното судство, со што ќе се подобри транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството. Во тој контекст Хаџи-Зафиров нагласи дека е потребно јакнење на културата на отвореност на судството, со што воедно ќе се зајакне правната сигурност која е суштински интерес за јавноста.

М.В