Централниот регистар денеска одбележува 18 години од основањето

Централниот регистар денеска одбележува 18 години од основањето, и по тој повод ќе се одржи свечен настан.

На одбележувањето на годишнината ќе се обратат: директорката на Регистарот, Марија Бошковска-Јанковски, министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и претставникот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Фрек Јанмаат, а ќе бидат доделени и плакети за успешна соработка со институциите.

Централниот регистар на РМ почна со работа од 1 јануари 2002 година со еден регистар и 173 вработени, а денеска има 12 регистри и речиси 300 вработени.

Како што се пропишува во Законот за Централен регистар, Централниот регистар се основа како централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои во согласност со овој или друг закон или со договор се внесуваат во него. Централниот регистар има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон.

Вo Централниот регистар се основаат основни регистри врз основа на други закони, вo кои се конституираат права, како и регистри во кои не се конституираат права. Во Централниот регистар се водат и основни регистри кои се предвидени со други закони надвор од Централниот регистар.

„Потребата за праќање нова порака кон корисниците на услугите се наметна како неопходна, а за таа цел Централниот регистар се здоби со ново, модернизирано лого. Потребата од нов корпоративен идентитет на Централниот регистар произлегува од континуитетот во развојот на процесните пристапи кон услугите на Централниот регистар, дигитализирање на работните процеси и функционалности, развој на нови регистри и системи, како и надградба на постојните и  стандардизирање на сите процеси од делокругот на работата на институцијата“, истакнуваат од Централниот регистар.

 

М.В