/ Прочитано:

423

ЦГК: Секоја втора фирма која учествува во тендерите вели дека има корупција

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денес го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година, во коj се вклучени и наоди од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки, анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година и истражување на договорните органи за нивните кадровски капацитети за јавни набавки.

Клучните наоди од мониторингот на јавни набавки вклучуваат:

  • Зголемена е вредноста на договорите склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 % од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани, МВР и Министерството за образование и наука.
  • Институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори. Доставени се известувања само за една третина од склучените договори.
  • Институциите не се откажуваат од електронската аукција, и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата.
  • Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите.
  • Управните контроли на тендерите од страна на Бирото за јавни набавки, ниту трета година од воведувањето, не успеваат да се наметнат како механизам за откривање на незаконско постапување и злоупотреби. Бирото ниту во 2021 година нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган, или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди.
  • Во 2021 година поднесени се 1.008 жалби од фирмите, што е за 2,5  % повеќе од претходната година. Најголем дел од жалбите се уважени, и тоа 42,6 % од нив. Сепак, уважените жалби се за 10,7 процентни поени помалку во однос на претходната година.

Повеќе за извештајот тука.