/ Прочитано:

1.533

ЧАВКОВ: Формирањето на специјално полициско одделение е нелогично

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, вели дека формирање на специјално полициско одделение е нелогично. Формирањето на специјално судско одделение и специјално полициско одделение се прашања што веќе подолго време се предлагаат од експертите во јавноста, а неофицијално се дел и од преговорите што ги водат политичките партии.

Митко Чавков, МВР

Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски работи, Викторија Нуланд, при вчерашната посета на Македонија, во разговорите со политичките лидери, со јавната обвинителка Катица Јанева и со обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, истакна дека за процесирање на случаите што ги води СЈО треба да постои чист систем кој ќе биде одговорен и ефикасен.

Во врска со можноста за формирање специјален суд кој ќе ги процесира обвиненијата што ќе ги поведе Специјалното јавно обвинителство, Нуланд рече дека САД  ја поддржуваат работата на СЈО и дека се во игра повеќе опции.

„Што се однесува до другите структури за поддршка, има многу идеи, но сметам дека е важно системот да биде чист, одговорен и ефикасен. Тоа е процес. Очигледно е дека сите ние би сакале да се одвива побрзо, но, како што реков дури и пред да допатувам тука, веќе напорно се работеше, со поддршка на САД и на ЕУ, за да се донесе Македонија на патот за избори, да се спроведе Договорот од Пржино“, рече Нуланд.

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, вели дека формирање на специјално полициско одделение е нелогично. Формирањето на специјално судско одделение и специјално полициско одделение се прашања што веќе подолго време се предлагаат од експертите во јавноста, а неофицијално се дел и од преговорите што ги водат политичките партии.

„Не сум дел од процесите, не учествувам во такви преговори и веројатно преговорите сè уште траат, но моето лично и професионално мислење е дека е нецелисходно и нема потреба од таков пристап од една едноставна причина –  Законот за кривична постапка ги решава сите тие прашања, и според ЗКП, кој било обвинител, дали е тоа од ОЈО или СЈО, може во согласност со ЗКП да  ангажира секого за кого смета дека треба да биде ангажиран и онолку лица колку што смета дека треба да бидат ангажирани, така што не ја гледам логиката да има потреба од такво одделение. Нелогично е. Едноставно, ја имаат целата правосудна полиција на располагање и без преговори со министерот или со директорот, јавниот обвинител со наредба може да назначи кое било лице и колку било лица да му бидат ставени во функција“, вели Чавков.

Правосудна полиција се полициските службеници од Министерството за внатрешни работи, припадниците на Финансиската полиција и лица на Царинската управа овластени со закон, стои во ЗКП. Според членот 41 од ЗКП, заради остварување на функцијата на кривично гонење, јавниот обвинител раководи со предистражната постапка и ја има на располагање правосудната полиција.

Понатаму, во ЗКП се наведува дека вкупниот број на припадници на правосудната полиција во истражните центри на јавното обвинителство се определува со одлука на јавниот обвинител на Република Македонија, по претходно мислење на министерот за внатрешни работи, министерот за правда и министерот за финансии.

Должности на правосудната полиција

(1) Правосудната полиција по службена должност или по наредба на јавниот обвинител презема мерки и активности со цел за откривање и криминалистичко истражување на кривични дела, спречување на натамошни последици на кривични дела, фаќање и пријавување на нивните сторители, обезбедување на докази и други мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка.

(2) Правосудната полиција спроведува истражување и дејствија наложени или доверени од судот и јавното обвинителство.

(3) Должностите од ставовите (1) и (2) на овој член ги вршат старешините и службениците на правосудната полиција.

Функционално располагање со правосудната полиција

(1) Правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители.

(2) За своето постапување согласно со одредбите од овој закон припадниците на правосудната полиција се одговорни пред надлежниот јавен обвинител.

(3) Старешините и службениците на правосудната полиција се должни да ги вршат задачите што им се доделени. Припадниците на правосудната полиција не може да бидат оддалечени од задачата што им е доверена во рамките на истрагата за кривично дело, освен со одлука на надлежниот јавен обвинител.