/ Прочитано:

846

Чешка ќе бара од Албанија правда пред меѓународните судови за чешката енергетска групација ЧЕЗ

Четрток, 7 февруари 2013 – Чешката енергетска групација ЧЕЗ официјално ја известила Владата на Албанија за намерата да спроведе меѓународна арбитража поради незаштитеност на инвестициите во дистрибутерската компанија во Албанија. 

„Компанијата ЧЕЗ бара да инадокнадување штета врз основа на договорот меѓу Чешка и Албанија за поддршка и взаемна заштита на инвестициите и Договорот за енергетска повелба, кој ја дефинира прекугранична соработка во областа на енергетиката, потпишани од двете земји, изјавил портпаролот на ЧЕЗ, Барбора Пулпанова.

Чешката електроенергетска компанија влегла на пазарот во Албанија во 2009 година со купување на 76 отсто од акциите на албанската дистрибутерска компанија „ЧЕЗ Шперндарје“, а останатите 24 отсто се во сопственост на Албанија.

Минатиот месец, албанската Регулаторна комисија и ја одзела лиценцата на ЧЕЗ за стопанисување со енергетскиот систем во земјата, поради непридржување кон договорот со Владата на Албанија.

Според Регулаторната комисијата, ЧЕЗ не ги исполнила обврските од договорот кои се однесуваат на увозот на струја и на инвестиции во модернизацијата на албанскиот електроенергетски систем.

Албанската Влада најави дека планира да побара меѓународна арбитража во спорот со ЧЕЗ предизвикан со одземањето на лиценцата на чешката електроенергетска компанија и да побара отштета. Експертите проценуваат дека со одземањето на лиценцата, ЧЕЗ ќе загуби најмалку 200 милиони евра. 

Неодамна, чешкиот премиер Петар Нечас испратил во Тирана остар протест поради одземањето на лиценцата на чешката електрокомпанија ЧЕЗ, која ја извршуваше дистрибуцијата на електричната енергија во Албанија. 

Според албанските медиуми, Нечас се заканувал дека Чешка ќе се спротивстави на интеграцијата на Албанија во ЕУ. Се претпоставуваше дека земјите правдата ќе ја бараат преку меѓународните судови. 

Уште во ноември минатата година ЧЕЗ соопштиле дека ја разгледуваат можноста да ја напуштат Албанија, бидејќи не успеале  да го решат спорот со Владата на Албанија за тарифите и вонредните трошоци.

Под различни форми државната компанија ЧЕЗ е присутна во Бугарија, Романија, Турција, Словачка, Унгарија, Полска, Холандија.