/ Прочитано:

1.552

Честата промена на законите и невклученоста на деловната заедница во јавните расправи се проблем за странските инвеститори

Промовирана „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори во Македонија во која се образложуваат сите предизвици со кои се соочуваат странските инвеститори. Тие бараат поголема вклученост на деловната заедница при креирањето на законите, кои, како што акцентираат, многу често се менуваат.

Поедноставување на правните процедури

Невклученоста на деловната заедница во креирањето на законите не е единствена забелешка на странските инвеститори. Поефикасната администрација, помалиот потенцијал за корупција, поедноставување на административните постапки и правните процедури, како и редефинирање на образовниот систем се клучните сегменти кон кои упатуваат инвеститорите, а кои се посочени во „Белата книга“ што ја промовираше Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Основа за конструктивен дијалог меѓу приватниот сектор и властите

Од Советот на странски инвеститори истакнуваат дека Белата книга не е критика, туку дека е транспарентна форма на комуникација, јавно обраќање на приватниот сектор кој нуди конкретни предлози за подобрување на деловната клима во која се опфатени предлозите на странските инвеститори, особено предизвиците поттикнати од домашниот правен систем и економската политика.

„Целта на ’Белата книга’ е да ги посочи посакуваните промени, со цел да се подобрат условите за деловно работење, и да даде конкретни предлози за нивно подобрување. Таа треба да служи како основа за конструктивен дијалог меѓу приватниот сектор и властите за подобрување на условите за деловно работење и инвестирање во земјата. Ова издание е клучниот документ на Советот на странски инвеститори. Во него странските инвеститори ги посочуваат главните предизвици со кои се соочуваат во своето работење во Македонија. Нова ’Бела книга’ ќе се издава секоја година“, истакна Хуан Педро Хименез Наваро, претседател на Советот на странските инвеститори.

Странската деловна заедница во Македонија посочува пет клучни приоритети за да се подобри деловното опкружување во Македонија

Според Наваро, за да се подобри деловното опкружување во Македонија потребно е создавање на повидливо деловно опкружување, но и поефикасна администрација и борба против корупцијата.

„Во 2014 година се направија многу работи за да се подобри деловното опкружување во Македонија. Сепак, постојат бројни предизвици и проблеми коишто треба да се отстранат во годините што ни претстојат. Странската деловна заедница во Македонија посочува пет клучни приоритети чие подобрување носи поволности од неколку аспекти. Токму затоа, од гледна точка на стопанството, Владата треба да се насочи кон: создавање попредвидливо деловно опкружување, поефикасна администрација, стеснување на просторот за коруптивни активности, намалување на целокупните административни постапки и правни оптоварувања и преструктурирање на образовниот систем во Македонија со цел да се создава висококвалитетна и стручна работна сила. Ова е неопходно за предвидливо деловно опкружување, со што би се привлекле и би се задржале странските инвеститори“, подвлече Наваро.

Поголема вклученост на деловната заедница при креирањето на законите

Тој нагласи дека минатата година и претходните години е сторено многу на економски план и дека како инвеститори ги поздравуваат политиките за подобрување на деловното опкружување во Македонија. Исто така, подвлече Наваро, Советот на странски инвеститори ги охрабрува властите да продолжат со интензивните напори за привлекување странски инвестиции зашто тоа е една од најуспешните политики на македонската Влада.

Наваро посочи дека е потребна поголема вклученост на деловната заедница при креирањето на законите и во тој контекст укажа и на честите промени на законите како проблем.

„Многу е важно пред да се донесат, законите да се дискутираат со деловната заедница и со претставниците од Советот на странски инвеститори за да се види како тие ќе влијаат врз нашето работење“, потенцираше тој.

„Белата книга“ е показател дека странските компании водат грижа за подобрување на бизнис-климата во земјава

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, истакна дека странските инвестиции за економијата имаат повеќедимензионално значење. Тие не само што придонесуваат за зголемување на пазарната конкуренција, за раст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, нови технологии и знаење, менаџирање и поефикасно корпоративно управување.

Според министерот за економија во Владата на Република Македонија, Беким Незири, особено е корисно да се слушнат предлози од странските инвеститори со цел да се отстранат пречките и да се обезбеди што поголемо инвестирање од страна на странските деловни луѓе.

„Белата книга“ е показател дека странските компании водат грижа за подобрување на бизнис-климата во земјава и се стремат кон отворање нови работни места. Таа е основа за натамошен развој на економската политика, но воедно и ќе ја олесни одлуката на странските компании да дојдат во Македонија, согледувајќи ги искуствата на своите колеги кои досега инвестирале во земјава,  истакна Пешевски, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања.

Советот на странските инвеститори е основан на 27.2.2006 година. Советот е формиран заради обезбедување консултативни и советодавни мислења и предлози во остварувањето на целите и задачите на Стопанската комора на Македонија, нејзините органи и тела и се занимава со најзначајните прашања од економската сфера, особено за прашањата за поттикнување на инвестирањето во македонското стопанство.За членови на Советот се определуваат истакнати странски стопанственици и експерти кои работат во македонски трговски друштва, чија активност е насочена кон унапредување на пазарното стопанство, претприемништвото и конкурентноста во работењето.

М.В/ veljanoskim@akademik.mk 21.1.2015