/ Прочитано:

1.344

Честите измени на Законот за градење – проблем за компаниите

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали одржа седница на која се расправаше за актуелните состојби во градежништвото. На седницата присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески

Во дискусијата на седницата најмногу се говорeше за законската регулатива. Честите измени на законите  од областа на градежништвото, беше посочено на седницата, , но и на други закони, придонесоа за неусогласеност на повеќе одредби, кои имаат негативно влијание во работењето на компаниите.

„Честите измени на законите се голем проблем за компаниите. Законот за градење  за 7 години претрпе околу 25 измени, или просечно, измени и дополнувaња се носени на секои три месеци. Тоа се случува и со другите закони. Законот за јавни набавки треба да биде во приоритетите за брза измена, особено негативното наддавање, кое се покажа дека влијае врз квалитетот, било за проектирање, било за изведба“, беше предочено на седницата.

На седницата, во контекст на јавните набавки, се предложи и менување на критериумите на бодирањето, каде што цената не треба да биде единствен услов за да се добие работата, туку да се имаат предвид стручноста, квалитетот, опремата, рокот на завршување на работите, а цената да биде последниот критериум.

„При сето тоа треба да се имаат предвид наши производители и наши изведувачи, а не да се форсираат странски компании, за потоа нашите фирми да се јавуваат како нивни подизведувачи“, беше истакнато на седницата.

Исто така, како посебен проблем кој беше истакнат е увозот на градежни материјали, без да се води сметка за нивниот квалитет, и покрај тоа што некои материјали имаат и ознака „С“.

„Овде подеднакво треба да бидат вклучени како царинските служби така и пазарната инспекција, но и самите надзори на објектите. Со заедничка акција би се задржал квалитетот на објектите, но и на некаков начин би се заштитило домашното производство, доколку имаме производство во нашата земја. Промени мора да се направат и при подготовка и објавување на тендери каде што сè уште се користат МК-стандарди, а треба да се применуваат веќе усвоените ЕУ-стандарди. За таа цел, неопходна е целосна координација меѓу проектантите, инвеститорите и изведувачите, но и производителите на градежни материјали“, беше посочено на седницата.

На седницата беше заклучено дека е неопходно да се систематизираат сите прашања и да се достават до Министерството, но и да се побара одржување на состанок и со заменик на претседателот на Владата на РМ, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

M.В