Четворица Македонци завршија во грчки затвор поради организирање борба со кучиња
Среда, 6 март 2013 – Четворица македонски државјани завршија во затвор во Грција поради организирање борба со кучиња, во саботата во градот Катерини, јави дописничката на Канал 5 од Грција. Освен македонските државјани во затвор завршиле и тројца Грци.
Како што објави Канал 5, акцијата на грчката полиција била по анонимна дојава, по што полицијата го лоцирала местото каде бил импровизираниот бокс за борба на кучиња. Во акцијата биле уапсени дел од организаторите и учесниците во овој нелегален натпревар, каде облогот за борбата на кучиња се движел од 300 до 1.000 евра.
Постапувајќи по новиот Закон за заштита на животните од експлоатација или употреба за профит, судот во Катерини веднаш ја изрекол пресудата. Најдебелиот крај го извлекол сопственикот на боксот за борење – 8 месеци затвор и парична казна од 5.000 евра. Четворицата Македонци добиле казна затвор од 2 месеци, додека останатите се со соочени 4- месечен затвор и парична казна 5.000 евра.