/ Прочитано:

3.231

Читањето ќе те направи адвокат побрзо од било што друго – Абрахам Линколн, американски претседател и адвокат

На денешен ден во 1865 година, американскиот претседател и адвокат Абрахам Линколн им подлегна на повредите здобиени ден претходно, откако беше застрелан во театар во Вашингтон. Абрахам Линколн е првиот убиен американски претседател, но и единствениот кој го носи епитетот „најдобар адвокат во американската историја“, митолошки врежан во колективната меморија и автентичната борба за човековите права.

Врз американскиот претседател  Абрахам Линколн е стрелано во глава од зад грб во театарот „Форд“ во Вашингтон додека заедно со својата сопруга ја следел претставата „Нашиот американски роднина“. По извршените обиди за реанимација тој за кратко време бил повратен во живот, по што бил префрлен во блискиот хотел.

Сепак, куршумот од „деринџерот“ оштетил витални делови од мозокот и предизвикал сериозни хематоми, а лекарите не се ни обиделе да го извадат куршумот. Дури и со денешните анализи се смета дека и со современата медицинска техника би било невозможно да се спаси Линколн. Тој починал утрото на 15 април 1865 година, девет часа откако бил застрелан.

Неговиот убиец, Џон Вилкс Бут, актер и радикален симпатизер на Конфедерацијата, со поширока група го организирал атентатот. Набрзо по испукувањето на фаталниот истрел, Бут избегал со коњ во Мериленд. Сепак, бил пронајден во Вирџинија каде што бил убиен од страна на војниците на Унијата. Иако за атентатот биле осомничени повеќемина, сепак се официјално се соопштило дека само четворица биле дирекно поврзани со плановите за атентантот. Па така, според обвинувањата, биле уапсени Луис Поуел, Дејвид Херолд, Џорџ Ацерот и Мери Сурат, кои на 7-ми јули 1865-тата година  биле обесени во тврдината Мекнаир во Вашингтон.

Абрахам Линколн е шеснаесеттиот претседател на САД. Денес го носи имиџот и епитетот на најзначаен американски претседател – татко на нацијата. Но, она што е одлика на Линколн, не е само јасната политичка промисла туку и неговите карактерни особини кои, според историските податоци, го посочуваат како мошне разумен, стрплив и правдољубив човек.

Тоа секако се должи и на неговата правничка професија која низ животот му помогнала да се профилира како политички мислител и прагматичар бидејќи можел директно да ги види судбините на луѓето и да ја почувствува неправдата, неправичноста и неправото, но и она што е најбитно – да се бори за правото. Пред да се определи да студира право работел најразлични работи – од продавач до управник на селска пошта.

Во 1861 година, во драматичните години за американската историја кога земјата е длабоко политички и социјално поделена, особено околу прашањето за ропството, Линколн постанува претседател на САД.

Како отворен опонент на проширувањето на ропството во Америка, Линколн ја добива номинацијата на Републиканската партија во 1860 година и е избран за претседател истата година. Неговиот мандат главно бил посветен на поразот на сецесионистичките Конфедеративни Американски Држави во Американската граѓанска војна. Вовел мерки кои довеле до укинување на ропството, издавање на Прогласот за еманципација во 1863 година и промовирање на усвојувањето на Тринаесеттиот амандман на Уставот, кој е донесен во Конгресот пред смртта на Линколн, а подоцна ратификуван од државите во 1865 година.

Прашањето за американското ропството има драматична историја. Ропството не било поддржано во северните американски држави, додека пак јужните држави сметале дека робовите се нужни за работата и на нив гледале како неопходен услов за стопанството и профитот, постојано потенцирајќи дека нивните плантажи, ќе се доведат во немилост со таква плитика. Во таква состојба кога памукот бил вреднуван повеќе од животот и слободата на еден човек, луѓето од северните краишта никако не можеле да прифатат како робовите од Југот се третирани и како се постапува со жалните судбини на тие Афроамериканци.

Ваквата поделеност на американското општество и држава се преточила со воени тензии помеѓу двете страни која кулминирала со Граѓанскатата војна која избувнала во 1861 година.

Идејата на Линколн била да го зачува сојузот во целина и недвосмислено и енергично го помогал и поддржувал северот со сите средства кои му стоеле на располагање. Затоа и го укинал ропството и  во 1862 година прокламирал дека од 1863 година, сите робови во конфедеративните држави ќе бидат – слободни луѓе.

„Пред 87 години нашите татковци на овој континент создадоа нова држава, изразена во слобода и посветена на претпоставката дека сите луѓе се создадени еднакви“, беседел Линколн по тој повод, означувајќи го почетокот на новата американска историја.

Историчарите се единствени во ставот дека Абрахам Линколн бил вистинскиот човек во вистинско време и на вистинско место, сугерирајќи дека ниту еден од претседателите пред или по Линколн, не би можел да излезе на крај со ситуацијата подобро од самиот тој.

Историчарите се согласни дека профилот на Линколн како реномиран адвокат имал огромно значење во неговото етаблирање како политичар и потоа за неговото поставување како конгресмен и конечно како претседател. Неговото изострено чувство за правда има пресудна улога во креирањето на праведната американска историја, нешто што било императив за Линколн, кој не само што бил влијателен како политичар туку и претходно како адвокат.

Неговите мисли за правото, несомнено се вградени во правната филозофија и литература, кои пак од друга страна ги кажувал не само како мудрост, туку и како практични насоки до своите идни колеги во смисла на тоа како да се изградат во „вистински правници и адвокати“. Се чини дека клучот за адвокатурата на Линколн е едноставна на прв поглед, но мошне суштинска од аспект на вложувањето во личноста на адвокатот и неговото образование, особено ако се земе во предвид дека читањето „е храбра работа“.

И токму онака, како што тоа Кант го перцепира суверенитетот на граѓанинот како суверенитет на читателската јавност, Линколн вели дека книгата и читањето се основен предуслов да се биде не само добар адвокат, туку  адвокат и човек, првенствено.

Тој вели дека потребно е правникот да се соочи со книгите, да чита, да дознава, формирајќи нови сознајби засновани на засилен интелект.

„Земете книги, седнете некаде и читајте. Тоа ќе ве направи адвокат побрзо од што било друго“ вели Линколн, според кого волјата за адвокатура мора да се надополни со истражувањето на литературата, притоа советувајќи „Земете ги книгите, читајте, проучувајте ги додека не ги сфатите нивните носечки принципи, тоа е најважно“.

М.В. / veljanoskim@akademik.mk