/ Прочитано:

5.718

Членовите 552 а и б од ЗТД – „докрадување“ – проф. д-р. Димитар Гелев за бришењето на правни субјекти од Централниот регистар

Како влијае бришењето на правните субјекти на нивното функционирање, колку се правилни ваквите постапки и дали е можно на овој начин да биде избришана активна фирма која не ја исполнила само оваа законска обврска, во целост ви го пренесуваме ставот на професорот Димитар Гелев од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

проф. д-р Димитар Гелев

Повеќе од шест илјади правни субјекти ќе бидат избришани од Централниот регистар. Како што информираат оттаму, бришењето ќе биде извршено бидејќи до 31.12.2014 година правните субјекти не поднеле годишна сметка до Централниот регистар за деловната 2013 година и/или не поднеле пријава за упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена, во согласност со членот 21 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица.

Како влијае бришењето на правните субјекти на нивното функционирање, колку се правилни ваквите постапки и дали е можно на овој начин да биде избришана активна фирма која не ја исполнила само оваа законска обврска, во целост ви го пренесуваме ставот на професорот Димитар Гелев од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Постапките на „бришење на трговците“ од трговскиот регистар се само уште еден пример за целосното незнаење на луѓето што ги пишуваат домашните закони и на оние што ги гласаат тие закони и што подоцна ги спроведуваат во пракса.

Трговците поединци и трговските друштва го стекнуваат својот статус трговец во моментот на нивниот упис во трговскиот регистар. Тој статус го губат со моментот на нивното бришење (то ест од моментот на „бришењето на уписот“) од тој трговски регистар. Тоа значи дека уписот во трговскиот регистар има конститутивно значење.

Уписот во регистарот за трговците го има истото значење што го има и регистрацијата на новородените деца кои се впишуваат во матичната книга на родените – тие деца постојат од тој момент. Кој е моментот во кој престанува статусот трговец? Кај физичките лица – граѓани тоа е моментот на смртта. „Смртта“ на статусот трговец во трговското право се нарекува „престанок“. Кај трговецот поединец и кај трговските друштва изречно се наведени основите што водат кон престанок на статусот трговец за трговецот поединец и основите што водат кон престанок на секое конкретно трговско друштво.

По констатирањето на смртта кај физичките лица – граѓани се отвора наследна постапка, која кај трговците се нарекува „ликвидација“.

Починатиот граѓанин се запишува во матичната книга на умрени. Разликата кај трговците се состои во тоа што по настапувањето на престанокот, престанува статусот „трговец“ за трговците поединци и за трговските друштва и Законот претпоставува дека тој статус фиктивно постои додека не заврши ликвидационата („наследната“) постапка, по што тој статус „се брише од трговскиот регистар. „Починатиот“ трговец поединец го губи статусот „трговец“, трговските друштва целосно се бришат од регистарот затоа што сите тие се трговци по форма и веќе не постојат причините за нивното постоење. Ако се држиме до аналогијата со физичките лица, кај трговците постои систем во кој, по смртта на граѓанинот, фиктивно се одржува „тој субјект“ додека не заврши наследната постапка над неговиот имот.

Ако биде отворена стечајна постапка, статусот трговец постои до донесувањето на одлуката на собранието на доверителите (и нејзината регистрација во трговскиот регистар) дека над трговецот поединец или над трговското друштво ќе биде спроведена постапката за ликвидација, то ест дека ќе се „упаричува“ имотот на трговецот (ќе се претвора во пари). Донесувањето на одлуката за ликвидација (а не, на пример, за реорганизација) претпоставува и донесување на одлука за „престанок“, то ест, по аналогија со физичките лица – граѓани, „констатација на смртта на лицето“ и отворање на наследна постапка, то ест ликвидација кај трговците.

Кажано накусо, се констатира дека постои некоја основа за престанок (смрт) и се отвора наследна постапка (ликвидација). Специфика кај стечајот е што статусот „трговец“ умира, то ест престанува поради: 1) постоењето на причините за отворање на стечајната постапка и 2) одлуката на доверителите да не изгласаат реорганизација, туку ликвидација на трговецот должник.

Во основа, трговското право овде оперира со поими многу слични на оние за физичките лица – граѓани и соодветното дефинирање и примената на тие поими не би требало да биде некој особен проблем. Меѓутоа, кај нас тоа станало проблем кој со текот на годините само се продлабочувал.

За секое трговско друштво во Законот за трговски друштва постои посебна глава што се вика „Престанок“, во која се наведуваат основите за престанок на друштвото и постапките како престанува едно друштво или како престанува трговецот поединец. Законот содржи и посебна глава за ликвидацијата на трговските друштва (што по првата верзија на Законот е менувана неколкупати, како и основите за престанок на акционерските друштва, и е направена правно бесмислена).

Од деловите што се однесуваат на ликвидацијата на трговските друштва не може да се види кога друштвото престанало и кога тоа се брише од трговскиот регистар. По правило, во моментот на „престанокот“, во трговскиот регистар треба да се внесе упис кај друштвото дека е „во ликвидација“. Кога ликвидацијата ќе биде заклучена и кога имотот на друштвото или на трговецот ќе биде поделен, друштвото или трговецот се брише од регистарот. Но во делот за ликвидацијата се вршени измени и веќе не е јасно дали се брише друштвото по заклучувањето на ликвидацијата или пред тоа. На пример, Законот содржи одредба дека „по бришењето од регистарот“, се врши распределба на имотот на друштвото меѓу членовите на тоа друштво, то ест Законот како да не ја третира таа поделба како составен дел од ликвидационата постапка.  По аналогија со физичките лица – граѓани, тоа е исто како да кажете дека е отворена наследна постапка, дека не бил пронајден имот или дека не се пријавиле доверители и дека наследната постапка се затвара, а наследниците потоа така хаотично си го делат имотот. Па зошто постои наследната постапка? Само за доверителите? Зошто воопшто се вика наследна?

Видете ги само одредбите на членот 545а од ЗТД и целосно поинаква ликвидациона постапка предвидена во членовите 552-а и 552-б. Овде друштвото прво се брише, па потоа се распределува имотот? Под чиј надзор е таа распределба? Во која постапка?

Непочитувањето на обврската за доставување годишна сметка секаде претставува кривично дело

Во ЗТД и во Законот за едношалтерски систем се утврдени основи за бришење на неактивните субјекти.  Основите за тоа се менувани повеќепати и се утврдувани различни рокови. Сега постојните основи се:

  1. Недоставување завршна сметка и финансиски извештај за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година; и
  2. Непријавување на упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена.

Вака поставените основи само ни покажуваат дека во земјата сѐ уште постои старата комунистичка Служба за општествено книговодство. Во однос на првата основа, секој трговец е должен да води трговски книги и еднаш годишно да составува годишни сметки. Непочитувањето на таа обврска секаде претставува кривично дело. Овде го наведувам за пример членот 283б од германскиот Кривичен законик:

„Член 283-б

Секое лице кое

  1. нема да ги води трговските книги што законски е обврзано да ги води или ги менува на начин што го отежнува прегледот на неговиот нето-имот;
  2. располага, крие, уништува или оштетува трговски книги или друга документација што трговците се обврзани да ја водат според правилата на трговското право пред истекот на периодот за задолжително архивирање што ги обврзува оние што се должни да ги водат трговските книги и на тој начин го отежнува прегледот на неговиот нето-имот;
  3. спротивно на трговското право

а) составува годишни сметки на начин што го отежнува прегледот на неговиот нето-имот; или

б) благовремено (во пропишаниот рок) не составил годишна сметка за неговиот имот или не направил попис ќе се казни со казна затвор до две години или со парична казна.

Постапувањето со невнимание (небрежноста) за делата од ставот 1 од овој член се казнува со казна затвор до една година или со парична казна…

Ова кривично дело ќе постои само ако сторителот престанал да плаќа или ако против него била поведена стечајна постапка или ако стечајната постапка не била отворена поради недостиг на имот.“

Некоја слична (иако не баш) одредба постои и во нашиот Кривичен законик, со тоа што таа не е условена со стечајната постапка. Сите други ситуации од овој аспект се водат како прекршоци и ЗТД содржи одредби за глоба за несоставување на годишните сметки. Но кривичната одговорност во оваа ситуација се јавува под насловот „даночно затајување“. Секој трговец кој нема да поднесе завршна сметка во пропишаниот рок прави кривично дело „даночно затајување“, по што следуваат другите евентуални кривични дела. Даночните затајувања секаде се гонат по службена должност. Но наместо тоа, кај нас се малтретираат обичните граѓани смртници, а за трговците е воведена посебна постапка за „бришење на неактивните субјекти“, што во превод значи или дозвола да се докраде тоа што не било докрадено во постапката за приватизација или шанса за малтретирање на „политички и морално неподобните“ субјекти.

За таа цел, треба да се види членот 477а од ЗТД и овластувањата на Управата за јавни приходи утврдени во тој член. Наместо да поведува кривични постапки, таа се занимава со администрирање на „неактивните субјекти“ и евентуално постапува против „политички неподобните“ по избор на власта на денот. Тоа значи дека не ја работи својата работа.

Во однос на втората основа, недоставување на имејл адреса, самата основа се чини по малку смешна ако се има предвид дека секој регистриран трговец има седиште и позната адреса.

На ваков начин, преку некоја постапка за бришење на неактивните субјекти се искривува примената на даночното и кривичното законодавство, се менува текот на ликвидационата постапка, целосно се изместуваат основните поими престанок, ликвидација итн. и она што претходно било нормална судска процедура се претвора во управна постапка со користење на сите механизми на државна присила. Ако се има предвид целосниот неквалитет на прописите за управните постапки и спорови во земјата, може да се добие целосна слика за реалноста.

Членот 552-а од ЗТД натаму содржи одредба според која ако по истекот на некој рок не биде поведена стечајна или ликвидациона постапка (поврзано со поимите „објава“ и „решение за бришење“), имотот преминува во сопственост на Република Македонија, то ест се врши негово одземање без надомест (како да станува збор за имот напуштен од страна на неговиот сопственик). При тоа, роковите за одржувачка за Република Македонија се сосема различни од оние од Законот за сопственост и други стварни права и резултатот од тоа е познат. Овде не сакам ни да споменувам различни мнозинства што се бараат за поднесување барање до суд за престанок на едно трговско друштво (пример, за престанок на акционерско друштво се бара одлука на собранието донесена со двотретинско мнозинство, но нема одредба како кај ДОО дека таква одлука може да донесе и судот на барање на една десеттина од капиталот, што е несфатливо).

Даночната управа, наместо да се занимава со свои работи, се занимава со тоа „кој бил активен“, „а кој не бил активен“. Нејзе ѝ се дадени овластувања што не се нормални за која било правна држава.

Право, смешна е одредбата од членот 477-а став 3: „Во случај кога кај субјектот како должник постои одлив на средства или пренос на имот по основ на присилна наплата, односно извршување истото не може да се третира како активност на субјектот во постапката на утврдување на статус на неактивен субјект.“ Ако се има предвид целиот хаос предизвикан од целосно погрешното разбирање на улогата на платните налози и нивното значење за отворањето на стечајна постапка и целосното неразбирање на поимот „блокирана сметка“, што е сосема различен кај трговците од оној кај обичните граѓани, може да се добие претстава дека сите овие институции сѐ уште живеат во времето на самоуправниот социјализам.

Кажано на поедноставен јазик, правната држава не профункционирала. Исто како што на секои избори не може да се утврди кој е сѐ жив, а кој е сѐ мртов во земјава, истото постои и кај регистрацијата на трговците. Исто како што ни требале посебни обвинители кои треба да ни ја исперат совеста за 70 години насилство и неправо, така и овде одвреме-навреме јавно треба да се парадира некој трговец за неплатен данок (обично во време на избори). Бидејќи системот не функционира, државата прибегнува кон добро познатите методи на Службата за општествено книговодство. Во тие методи постои сѐ, само не закон. Сето друго е поезија…