/ Прочитано:

1.531

Човековите права – предизвик за управување со интернетот и подобрена интернет регулатива

Потребно е донесување соодветна регулатива за начинот на употреба на интернетот, беше истакнато на денешната трета по ред Конференција за управување со интернетот кај државите на Југоисточна Европа (СЕЕДИГ) што од денеска се одржува во Охрид.

Настанот се одржува заедно со Меѓународната регулаторна конференција, во организација на Агенцијата за електронски комуникации, при што учествуваат истакнати национални и меѓународни претставници, вклучувајќи претставници од регулаторните тела од Европа, оператори од регионот, претставници на здруженија на оператори, вендори, граѓански организации, студенти и други чинители на пазарот за електронски комуникации.

На денешниот настан, министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска, се осврна на важноста на интернет владеењето во Република Македонија, нагласувајќи дека во текот на изминатите години, обезбедени се услови за пристап до интернет на сите граѓани, при што се приклучени над 75% од домаќинствата, а широкопојасниот интернет е вклучен како универзална услуга.

Говорејќи за предизвиците во однос на интернет владеењето, министерката ги посочи областите на кои треба да се обрне особено внимание, како што се: инфраструктурата, компјутерскиот криминал, компјутерските напади, сигурност на изворите на информации (лажни вести, спам и порнографија), како и човековите права (слобода на изразување, приватност итн.).

За справување со овие предизвици, веќе е започнато со воведување на принципи, норми, правила и програми, кои обезбедуваат одговорно интернет однесување. Но она што е важно, истакна Арсовска, е дека во светот не постојат унифицирани правила и закони во однос на регулација на овие области и затоа е важен пристапот од долу нагоре, отворен и инклузивен дијалог со сите заинтересирани страни, како и споделување на најдобрите практики. Токму затоа ваквите настани се од исклучителна важност за да може да се извлечат заеднички заклучоци како земјите да се справат со ваквите предизвици, особено во поглед на регулативата за начинот на употреба на интернетот.

„Бидејќи не постои некој што го управува интернетот, не постои интернет-закон, постои само обид на различни нивоа на различни земји, со пристап што е широко отворен, транспарентен и консултативен, да се разгледуваат најдобрите практики во земјите како да се справуваат со проблематиката и нејзина регулација во својата легислатива. Се работи за динамична материја која бара постојано следење на технолошките можности што ги нуди интернетот, а бидејќи засега огромен дел од сите сфери на општеството, неизбежно како потреба се наметнува некаква легислатива што би се однесувала на употребата на интернетот, наместо парцијални решенија за одредени конкретни области“, истакна министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска.

„Регулаторната рамка и законската регулатива, кои се однесуваат на интернетот, во државите во регионот се во некаква почетна фаза. За жал, се наоѓаме на самиот почеток кога станува збор за заштита на населението во областа на интернетот. Се надеваме дека наскоро ќе имаме некакви решенија од надлежните институции во насока на определување правна рамка или соодветна регулатива што би ја уредила проблематиката на употребата на интернетот“, истакна Предраг Ковач, генерален директор на Регулаторната агенција за комуникации на БиХ.

М.В