/ Прочитано:

1.554

Извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права

Човековите права во сенка на прислушувањето и на бегалската криза

Во проектот на Македонското здружение на млади правници и УСАИД опфатени се шест области во кои било констатирано непочитување и кршење на човековите права во Република Македонија.

-2 mladi pravnici

Почитувањето на човековите права во текот на 2014 и во 2015 година беше во сенка на два одделни процеси кои ја зафатија Република Македонија – политичката криза, која произлезе од наводното прислушување и бегалската криза, се наведува во Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права на проектот на Македонското здружение на млади правници и УСАИД.

Во Извештајот се опфатени шест области во кои било констатирано непочитување и кршење на човековите права.

Во првата категорија се правата поврзани со животот, телото и личноста, каде што се опфатени случаите со третманот на мигрантите во Прифатниот центар за странци, како и загинувањето на мигранти што транзитираат во земјава. Покрај состојбата со мигрантите, во оваа глава се опфатени и случаите на отежнат пристап до здравствена заштита на лицата што издржуваат казна затвор, како и случаите на непријавување силувања штитеници во воспитно-поправните домови.

Во втората категорија опфатени се правото на слобода и фер судење. Извештајот забележува дека изрекувањето и продолжувањето на мерката притвор се врши преку идентични и шаблонски решенија. Задржувањето мигранти како сведоци во постапки против шверцери, без никаква законска основа, исто така, претставувало кршење на човековите права.

3 mladi pravnici

Во однос на прекршувањето на правото на еднаквост, во Извештајот се опфатени случаите во кои лица се спречувани од страна на органите на МВР да ја напуштат земјата врз основа на индиции дека ќе го злоупотребат безвизниот режим. Оваа пракса, се наведува во Извештајот, најмногу била применета врз припадниците на ромската заедница.

Во категоријата право на приватност, слобода на говор, слобода на движење и протест, е наведен скандалот со прислушувањето и индициите за можна злоупотреба на правото на тајност на комуникациите и приватноста. Покрај тоа, се наведува дека во текот на 2015 година биле забележани и притисоци поврзани со остварувањето на правото на протест.

Во 2015 година на 1300 лица им било прекинато правото на социјална заштита поради ретроактивна примена на пропис. Во прекршувањето на правото на сопственост, работа и социјална заштита се опфатени и случаите на извршување.

1 mladi pravnici

Во последната категорија, правната сигурност, опфатени се измените на законите. Менувањето на 400 закони во текот на 2014, а особено во 2015 година, претставува проблем за правниците да ги следат сите измени, а кај граѓаните буди правна несигурност поради тоа што не знаат како ќе влијаат овие чести измени врз нивниот живот, се наведува во Извештајот.

Од Здружението потенцираат дека при креирањето на Извештајот и при селекцијата на случаи предвид биле земени: засегнатоста со проблемот на поголем број граѓани и постоењето факти и докази што укажуваат на повреда на човековите права.

Податоците што се однесуваат на идентификуваните повреди на човековите права се прибрани преку: поплаки и информации од граѓани добиени преку бесплатната телефонска линија на Здружението 0800 77 800, документирани правни совети обезбедени од страна на адвокати, увид во списите на предметите и следењето на релевантни меѓународни и национални извештаи кои се однесуваат на заштитата на човековите права во Република Македонија.

М.С.