/ Прочитано:

4.493

Д-Р ДИМИТАР АПАСИЕВ: Македонското трудово право е нетрудољубиво – ситуацијата е тешка, но не и неизлечива!

Правната инфлација зазема чудовишни размери, т.е. го презаситува системот со правни норми, па законите почнаа да ни личат на правилници во кои сè е деталистички уредено. А, знаеме дека уште римскиот историчар Тацит велеше „Coruptissima res publica, plurimae leges = Колку повеќе закони, толку повеќе корупција“! Ситуацијата со заштитата на работничките права, трудовото законодавство и економија е дрaматично тешка, но не и неизлечива. Доволно е да се има само политичка волја и проблемите може да се решат за неполна година.  Кога институциите се глуви, време е да влеземе во нив. За да нè чујат!, вели во интервјуто за Академик, доц. д-р Димитар Апасиев, кој говори за состојбата во македонското трудово законодавсто, судската практика, потребите од законски измени, иницијативите пред Уставниот суд и идеите и предлозите на новиот политички субјект „Левица“.

Д-р Апасиев, како ја оценувате состојбата со работничките права во РМ, во таа смисла, постои ли балансиран третман на работникот наспроти работодавецот, особено и од аспект на споровите од област на трудовото право?

Во Македонија денес, после погубната неолибералистичка цунами-транзиција што ни се случи, како да се заборави – дури и од страна на самите работници – дека работничките права се исто така човекови права, и тоа од т.н. трета генерација на социјално-економски права на човекот и граѓанинот. Во таа насока, нема балансиран третман на работникот наспрема работодавецот, туку напротив – евидентна е „навивачката улога“ на државата кон страната на капиталистите т.е. газдите и работодавачите! Ова јасно се покажува речиси со секоја измена на Законот за работните односи, како lex generalis за сферата на трудовото право. Ние во Македонија веќе имаме и документирани случаи (како што е, на пример, аферата „Телеком“) за тоа како дејствува спрегата на крупниот капитал и партиската гласачка машинерија – кога, преку извесни лоби групи, менаџерите на одредени големи компании и корпорации успеваат да го подмитат безмалку целото македонско Собрание! Ова е факт од кој, во нормално општество, се крева косата на главата.

Во поглед, пак, на работните спорови – за кои своевремено со „Ленка“ издадовме и една научно-истражувачка студија – ситуацијата е поприлично „забегана“. Всушност, многу македонски работници не ни помислуваат да тужат, затоа што македонското судство е најскапо во Европа! Авансното плаќање однапред на судските такси, вештачења и трошоци, кои можат да достигнат и вртоглаво високи суми; неможноста да се плати добар адвокат наспроти финансиската моќ на газдите, предолгото траење на работните спорови кои инаку треба да се „итни“ – сите овие се фактори кои ги одвраќаат граѓаните од тужење на своите работодавачи. Имено, македонскиот работник се соочува со проблемот на немање елементарен пристап до правдата поради недостиг на материјални средства, што се коси и со Европската конвенција за човекови права, како и со јудикатурата на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, којшто во пресудата Креуз против Полска (2001) брилијантно заклучува дека: „Правото на државата да си ги наплати судските такси и трошоци во никој случај не може да биде појако отколку правото на граѓанинот на пристап до суд“! Нашите судии ја исмеваат идејата за правда и тоа, заедно со корупцијата, е најголемиот проблем во македонскот судство. Според една философско-правна школа, наречена Школа на правните реалисти, за секој еден обичен човек, побитно е како правото се раздава, отколку како тоа се создава. И навистина, џабе ви се законски загарантирните права, кога вие немате пари да пристапите до судот за тие права да си ги заштитите.

Каде ги лоцирате слабостите на македонското законодавство во контекст на заштитата на работничките права, а каде ги лоцирате слабостите на институциите во заштитата на работничките права?

Прашањето ви е умесно поставено, затоа што јасно ги дистанцира системските проблеми, делејќи ги на две големи групи: прво, слабост на законодавството и второ – слабост на инстутуциите кои тоа законодавство треба да го спроведуваат. Околу слабоста на македонското трудово законодавство, треба да се потенцира тоа што македонското трудово право, со еден збор, е нетрудољубиво! Тоа е сконцентрирано првенствено на оние кои имаат, односно било кога и да се сака да се спроведе некоја реформа, секогаш работодавците се „првите советници“ на властодршците, затоа што имаат пари да ги подмитат; додека синдикатите и работништвото имаат епизодна и декоративна улога. Понатаму, тука би ја споменал правната инфлација која зазема чудовишни размери, т.е. го презаситува системот со правни норми, па законите почнаа да ни личат на правилници во кои сè е деталистички уредено. Колку за пример, Законот за работни односи од 2005, по обем, е три пати поголем од претходниот Закон за работни односи од 1993!? И конечно, би ја издвоил правната несигурност, која е директно предизвикана од прчестото менување на основните закони. А знаеме дека уште римскиот историчар Тацит велеше „Coruptissima res publica, plurimae leges = Колку повеќе закони, толку повеќе корупција“!

Во поглед, пак, на слабоста на инстутуциите – во македонски прилики, најгорлив проблем се: „жолтите синдикати“ со своите неспособни раководства, алчните и експлоататорски настороените стопански комори, корумпираните трудови инспектори и неправичните и лесно поткупливи судии. Сите овие ја прават позицијата на македонскиот работник неиздржлива! А тука неминовно би ги споменал и професорите по трудово право, кои во својата интелектуална хибернација, беа во длабок транзициски „зимски сон“, кога пред нивни очи се вршеше масакар на правата на работниците.

Како да се подобри ваквата состојба на која посочувате, кои се вашите предлози?

Ситуацијата е драматично тешка, но не и неизлечива. Доволно е да се има само политичка волја и проблемите може да се решат за неполна година. Имено, политичките елити кај нас – од двете најголеми партии – мора конечно да си признаат дека експериментот „Македонска транзиција“ заврши неуспешно – со катастрофални последици по народот. Над половина милион раселени „економски бегалци“ од Македонија во последниве дваесет години доволно говори за тоа дека погубните неолиберални политики мора да престанат! И после сите спроведени економски „структурни реформи“ Република Македонија е светски лидер според индексот на мизерија, европски лидер според бројот на невработени млади лица и класно најраслоена држава од сите поранешни т.н. „комунистички земји“ според Џини индексот!? Значи, мора да престане трендот на натамошно богатење на богатите, а осиромашување на сиромашните. Во доменот на трудот, тоа би подразбирало: враќање на изгубените права на македонскиот работник од периодот пред транзицијата, вклученост на автентичните борбени синдикати при креирањето на законските решенија, воведување прогресивна даночна политика, воведување на достоинствен приход, укинување на приватните пензиски фондови, драстично кратење на огромните судски такси и трошоци, дерегулација на штрајкот како легитимен метод на борба и слични остварливи мерки кои даваат резултати на терен и реално ја подобруваат еднаквоста и животниот стандард на граѓаните.

Колку иницијативи има поднесено ЛЕНКА до Уставниот суд?

Па, околу триесетина – од кои нешто под десетина завршиле успешно! Колку за потсетување, нашиот одлично екипиран правен тим, преку овој метод успеа: да ја укине предвидената глоба за работниците што постоеше доколку работникот не го пријавил својот работодавач кај Државниот трудов инспекторат – што, по автоматизам значеше и отказ за самиот работник-пријавувач; потоа, ја укинавме одредбата која директно ги дискриминираше чистачките, т.е. „куќните помошници“ за кои беше предвидено да не важи Законот за безбедност и здравје при работа; понатаму, издејствувавме оние работници кои сами ќе си дадат отказ од работа да можат да се пријават во Агенцијата за вработување на РМ и да ги уживаат законските права што им следуваат како невработени лица; ја укинавме одредбата која забрануваше сини картони за невработените кои остваруват одредени приходи итн. Последниот наш поголем успех е што, преку законски текст доставен до пратениците во парламентот, успеавме аргументирано да издејствуваме амнестија за речиси 20.000 наши сограѓани кои неправедно беа осудени со кривични пресуди, по барање на Фондот за здравсвено осигурување, за наводно дадени „лажни изјави“.

Пред Уставниот суд го оспорувате Законот за политичките партии, барате и негови законски измени. Што е проблематично во овој Закон?

Па, проблематична е самата философија на Законот! Имено, овој закон, кој да нагласам дека е донесен во 2004 година – кога на власт беше СДСМ – не само што е антидемократски, туку е и противуставен, затоа што е така скроен да оди во полза само на големите „султан-партии“, додека автентичните иницијативи кои сакаат да преминат во партии се ставени надвор од игра, што во суштина се коси со политичкиот плурализам како темелна вредност на нашиот современ уставен поредок. А, ако сакате да дознаете накусо што е „спорно“ во Законот за политичките партии – би издвоил три моменти: 1) преголемиот цензус за основање партија – имено, до 2007 година во Македонија се бараа само 500 основачи за партија, а денес тој број е дуплиран на 1.000!? Ова е неразумно висока бројка, со оглед на бројот на жители во Македонија. Колку за споредба, во Словенија, која има приближно исто жители како и ние, се бараат само 200 основачи; додека, пак, во соседна Грција – земја со десет и пол милиони жители, се бараат само 5 (пет) основачи на партија!? 2) непотребната бирократска и финансиски прескапа процедура за основање партија – која подразбира нотарска заверка на изјавата и нелогичното беспотребно носење на нови уверенија за државјанство на сите основачи, што во превод достигнува по околу 300 – 400 денари по човек. Кога оваа вредност ќе ја помножите со бројот на основачи, добивате сума од околу 6 – 7.000 ЕУР во денарска противвредност, што за автентични политички движења зад кои не стој некој богат бизнисмен или олигарх, е сериозна сума која директно ја оневозможува партиската артикулација на пониските класи; и 3) тоа што, со неумесната формулација на новите измени на Законот, излегува дека еден човек, во текот на својот живот, може да основа само една партија – што е во директна спротивност со уставната слобода на политичко здружување и дејствување, бидејќи воспоставува закрепостен и клиентелистички однос меѓу членот и партијата на која и пристапил.

Активизмот на ЛЕНКА за подобрување на работничките права и воопшто за подобри законски решенија, ќе го насочите и низ политичкиот домен. Ја најавивте новата партија ЛЕВИЦА, во која членуваат  и активисти на ЛЕНКА и на СОЛИДАРНОСТ, но и работници и стечајци, студенти и професори. Што беше клучно да се определите да се борите за работничките права „низ институциите“?

Да, во ЛЕВИЦА членуваат уште и синдикалисти, работници, студенти, професори, интелектуалци, стечајци, невработени, граѓански активисти и многу други лица кои идеолошки се чувствуваат како левичари. Клучното за создавањето на ЛЕВИЦА е нашето политичко зреење низ изминативе седум-осум години, кога буквално „изгинавме“ на терен – на улиците, плоштадите, штрајковите, протестите – но, без некој поголем успех, токму поради тоа што законите се скроени да не дозволат егзистирање на граѓанските иницијативи и директните акции. Така, сфативме дека утопистичките хоризонтални движења или проектно насочените невладини оргнизации не се способни за предизвикување на поголеми општествени промени, во насока на обезбедување на толку посакуваната благосостојба на народот. Затоа се решивме на промена на тактиката – кога институциите се глуви, време е да влеземе во нив. За да нè чујат. Имаме и искуство, и знаење, и кредибилитет и храброст – а немаме партиски багаж! Оттука, она што ја разликува ЛЕВИЦА од сите други политички партии се три нешта: прво – тоа што таа настана одоздола, преку перманентен долгогодишен активизам на членството; второ – јасната идеолошка профилираност, односно тоа што и самото име кажува дека ние не се криеме зад „Центарот“, туку јасно тргнуваме кон лево; и трето – неизвалканоста на ликовите кои ја градат ЛЕВИЦА и оптимизмот кои зрачи од нив, како и новиот начин на раководење – без еден неприкосновен лидер на чело.

Во таа насока, како нов политички субјект, кон што моментално е фокусирано вашето дејствување и во соглансост со тие заложби, кон што понатаму ќе ги насочите вашите идеи и предлози?

Сега, примерно, сме сконцетрирани на собирањето на потписите – операција која бара голема координација. Веќе имаме инфраструктура во двоцифрен број градови т.е. општини а, по обзнаната, се приклучуваат и многу луѓе кои прв пат политички се активираат. Тоа кажува дека луѓето едвај чекале да се појави некој нов субјект кој ќе внесе колоритност во црно-белиот свет на „незаменливите“ ДПМНЕ и СДСМ, и кој ќе ја врати политиката на оние од кои извира – на обичните, понижени и испокрадени граѓани. По изговувањето на Платформата, нашите тимови и правни служби работат на градењето на Статутот и Програмата – документи кои се нужни за судската регистрација. По ова, следува период на градењето на „базата“ и внесување на многу свежи политички идеи кои ќе ја проветрат зачмаената и тажна слика на македонско општество и ќе внесат надеж за подобар живот на нашите сограѓани.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

18.11.2015