/ Прочитано:

1.939

„Да ја направиме Македонија пристојно место за живеење“ – промовирана збирката колумни од професорот Марјановиќ

Денеска на Правниот факултет при УКИМ беше промовирана книгата „Колумни“ на професорот по кривично право Ѓорѓи Марјановиќ. Организатори на настанот беа Фондацијата „Ѓорги Марјановиќ“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“. Книгата содржи колумни на професорот Марјановиќ објавувани во дневниот весник „Дневник“ во периодот од 1998 до 2006 година.

Промотори на книгата беа Александар Марјановиќ, извршен директор на фондацијата и син на професорот, потоа професорот Владимир Петрушевски-Фили, Александар Дамовски, еден од основачите на „Дневник“, и Бранко Секуловски, судија во пензија. Свои обраќања на денешниот настан имаа и професорката Јасна Бачовска, како и сопругата на професорот, Мира Марјановиќ.

Професорката Бачовска нагласи дека колумните на професорот секогаш биле извонредно четиво, особено за студентите по право и за студентите по новинарство затоа што, како што подвлече професорката, освен тоа што се инспиративни, тие се и колумни со најголем интегритет, и од аспект на содржината и од аспект на формата.

Александар Марјановиќ истакна дека фондацијата има клучна цел „Македонија да биде пристојно место за живеење“, што всушност е и самиот идеал на професорот Марјановиќ.

Оттука, образложи Марјановиќ, фондацијата ќе ги негува сите вредности за кои се залагал професорот, а особено вредностите на правото, на литературата, на музиката, на природата и планинарењето, на преводот и лектурата, а особено на македонскиот јазик како столб на државата и народот. Македонскиот јазик, нагласи синот на професорот, секогаш беше многу важен за мојот татко. Во таа смисла, една од целите на фондацијата е зајакнување на читателските навики кај младите.

Александар Марјановиќ, покрај за целите и за мисијата на фондацијата, говореше и за животниот пат на својот татко, кој како многу мал останал сирак поминувајќи низ тешки животни мигови. Токму поради тоа, додаде Марјановиќ, фондацијата ќе помага при школување и при вработување на деца без родители, деца на самохрани родители, но на други ранливи категории како невработените лица и лицата со попреченост.

Во своето обраќање професорот Владимир Петрушевски-Фили рече дека со професорот Марјановиќ се запознале преку пишаниот збор. Ѓорѓи, рече професорот, имаше необичаен и препознатлив начин на пишување. Луѓето што не им веруваат на своите зборови, истакнуваше тој, не им веруваат ниту на туѓите. Професорот Петрушевски оцени дека колумните на Марјановиќ не се само сведоштво, туку и повик кон кој треба да се придржуваме.

Сеќавајќи се на соработката со професорот, Александар Дамовски рече дека како новинари нестрпливо ги очекувале колумните на професорот, кои секогаш воодушевувале и повикувале на норми и вредности. Колумните, додаде Дамовски, се сè уште актуелни. Доволно е само да го смениме датумот на објавување и истото што е напишано ќе важи и денес.

Судијата Бранко Секуловски потенцираше дека пишаниот збор на Марјановиќ е вонвременски и дека неговите колумни во многу нешта ги отсликуваат и денешните состојби, како на општествен така и на политички и правен план.

Проблемот со името, политиката, правосудството, обвинителството, проширувањето на Европската Унија се само дел од поентите во колумните кои во голем дел се и предвидување на актуелните состојби. Оттука, колумните нудат и решенија и заклучоци кон кои треба да се стремиме како општество и како држава.

На крајот на денешниот настан, во име на професорот Марјановиќ, се обрати неговата сопруга професорката  Мира Марјановиќ.

Професорката се заблагодари од името на професорот, истакнувајќи дека колумните говорат за храброста на нивниот автор, кој бил строг, но професор омилен кај студентите, но и строг и добар татко чии деца ги продолжуваат неговите идеи за Македонија како пристојно место за живеење.

Промоција на збирка колумни од професорот Ѓорѓи Марјановиќ

Основана Фондација Ѓорѓи Марјановиќ

М.В