/ Прочитано:

1.225

Да продолжи спроведувањето на Стратегијата за реформи на правосудството, се нотира во извештајот на Европската комисија

Европската комисија го објави извештајот за напредокот на Македонија. Во извештајот, во делот на клучните заклучоци, се нотира дека Северна Македонија а има одредено и умерено ниво на подготовка во поглед на европските стандарди од оваа област. Генерално земено, постои некаков напредок, особено од аспект на судската независност.

Имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудството продолжува, вклучувајќи го тука и Законот за јавното обвинителство. Потребни се напори, се вели понатаму во извештајот, за спроведување на акциониот план за Стратегијата за реформи во судството.

Во извештајот на Европската комисија се нагласува и важноста од продолжување со имплементација на легислативната рамка која се однесува на реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и важноста на новиот Закон за Академијата за судии и обвинители кој треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до судската и обвинителската професија.

Понатаму, во извештајот се истакнува дека e потребно унапредување на АКМИС-системот за да се обезбеди негова целосна функционалност. Генерално, во извештајот се нагласува потребата од континуитет во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Во тој контекст, во извештајот се посочува и на усогласување на парничната постапка со европските стандарди.

Во извештајот се потенцира дека корупцијата е распространета во многу области и дека тоа е прашање што создава загриженост. Исто така, во извештајот се потенцира дека државата продолжува да ги спроведува своите обврски во поглед на заштита на човековите права и слободи и во таа смисла во документот се нагласува носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Потребно е, се вели во извештајот, зајакнување и на капацитетите на Канцеларијата на народниот правобранител и зголемување на буџетот на оваа институција.

М.В