/ Прочитано:

1.669

„Да се зголемат површините со зеленило во градовите“ – Група пратеници предлага измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање

Во Собранието на РМ, група пратеници предлага Закон за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Предлог-измените на законското решение, се истакнува во законското образложение, се одговор на потребата која се однесува на просторното и урбанистичкото планирање, во однос на зголемувањето на површините со зеленило во градовите.

Просторното и урбанистичкото планирање, се нагласува понатаму во законското образложение, е континуиран процес што се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови, со цел да се обезбедат урбаното уредување како хуман простор за живеење и заштитата на животната средина. Урбанистичките планови го планираат развојот на одреден град, а при нивното изработување мора да се почитуваат одредени норми, правила и прописи.

„Во Република Македонија, во изминатиот период, целосно беше уништено урбаното планирање, како струка беше претворено во техничка служба за цртање планови. Се правеа урбанистички планови според приватна желба, без почитување на условите и нормите при нивно планирање. Многу често се донесуваа урбанистички планови без водење грижа за хуманото живеење и развојот на градот, на директна штета на зелениот простор“, се вели во образложението.

Зеленилото и сообраќајот, посочуваат пратениците, се едни од главните фактори што влијаат врз квалитетот на воздухот. Во Скопје, пред сè, овој проблем е најнагласен така што скопскиот воздух може да го спасиме доколку преземеме конкретни долгорочни мерки.

„Неопходно е итно запирање на градежната експанзија врз зелените површини. Клучен проблем е и пренамената на јавните простори и зелените површини во градежни парцели и како резултат на тоа, имаме згради во парк, на кејот на Вардар, на плоштадот. Во делот на парцелите за изградба на станбени куќи и станбени згради, процентот на зеленило треба да биде зголемен од 30% на минимум 40%, за сметка на процентот на изграденост на градежната парцела кој треба да се намали од 70% на макс. 60%.  Бидејќи како законодавен дом сме први повикани да ставиме ред во општеството, го правиме првиот чекор за нормализирање на состојбите во урбанистичкото планирање во неправедната градежна експанзија, во заштитата на зеленилото, а со тоа и заштита на хуманиот живот на граѓаните“, истакнуваат пратениците во законското образложение.

М.В