/ Прочитано:

2.847

Во САД се отвора дебата за платената практична работа за студентите по право

Дали треба да биде платена задолжителната практична работа?

Споредбено, во Република Македонија волонтирањето и практикантската работа се уредени со Законот за волонтерство и со Законот за работни односи. Студентите по право посетуваат пракса во институции, во адвокатски, нотарски или извршителски канцеларии и одблизу можат да видат како функционира правото во пракса. Сепак, оваа активност не претставува работење и тие не добиваат надоместок за тоа.

pravosudstvo-zakoni-jazik-e1392813463351.jpg

Реномираниот американски весник „Вол стрит џурнал“ објави статија во која е пренесена јавната дебата, која се води во САД, во врска со правото на студентите по правни науки за остварување надоместок при нивната работа и пракса во адвокатските канцеларии во текот на студирањето.

Многу правни факултети ги охрабруваат своите студенти да го стекнат своето правничко искуство работејќи во некоја адвокатска канцеларија. Овие програми за работа на студентите по право се рестриктивни бидејќи таквата работа е дозволена само доколку не биде платена, а тие правила биле наложени од Адвокатската комора на САД.

Адвокатската комора на САД сега размислува за олеснување на тоа правило и за тргање на забраната за платена пракса на студентите по право. Предлогот на Комората предизвикал многу жестоки реакции во јавноста, каде што двете водечки асоцијации за правно едуцирање – Здружението на американски професори по право (the Society of American Law Teachers) и Асоцијацијата за клиничка правна едукација (CLEA), се спротивставиле на овој предлог.

Како што било пренесено во магазинот на Адвокатската комора на САД- „АБА џурнал”, тие сметаат дека доколку им се дозволи платена пракса на студентите, тоа би било спротивно на функцијата на правничкото едуцирање. Исто така, тие велат дека постои страв доколку се дозволи платена пракса за студентите, тие нема да бидат мотивирани да учествуваат во настани од јавниот интерес, во кои тие вообичаено волонтираат и не добиваат никаков надоместок за тоа.

American_Bar_Association

Од друга страна, пак, се јавува Адвокатската комора на Њујорк. Тие велат дека не е оправдано на студентите да им се дозволи да добиваат надоместок за волонтирање во непрофитна владина агенција, за разлика од студентите што ќе ја прават истата работа за некаков надоместок на друго место.

Од Министерството за труд на САД сметаат дека неплатената пракса во јавниот сектор и во непрофитните организации генерално е дозволена, но приватните работодавачи можат да им плаќаат на своите приправници.

Во врска со овој проблем свое мислење дале и повеќе професори по право во САД, меѓу кои Илја Сомин, професор по право на Правниот факултет при Универзитетот „Џорџ Месон“, кој во своја колумна вели дека плаќањето надоместок на студентите додека работат, или додека вршат пракса во текот на нивното студирање, ќе биде добро за посиромашните студенти на кои особено им се важни тие средства.

Се очекува Одделот за правна едукација на Адвокатската комора на САД да ги одобри овие измени во полза на студентите по право до крајот на оваа година.

law books 1

Споредбено, во Република Македонија волонтирањето и практикантската работа се уредени со Законот за волонтерство и со Законот за работни односи.

Според Законот за волонтерство, тоа претставува активност од интерес за Република Македонија, која придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот, како и за развој на хумано и рамноправно демократско општество.

Волонтерската работа ја вршат волонтери. Волонтер е физичко лице кое дава услуги, вештини и знаења во корист на други лица, органи, организации и други институции, на доброволна основа и без финансиска или друга лична добивка.

И во Република Македонија студентите по право и дипломираните правници често работат во адвокатските, во нотарските и во извршителските канцеларии и волонтираат во судовите и во обвинителствата.

Дипломираните правници, кои според Болоњскиот систем на студирање (ЕКТС) треба да остварат 300 кредити и да се стекнат со диплома „магистер по право” и кои имаат желба да полагаат правосуден испит, мора да го исполнат условот пропишан со Законот за адвокатура, според кој треба да работат 1 година во адвокатска, во нотарска или во извршителска канцеларија или 2 години во судовите, во обвинителствата и на правни работи во приватниот сектор.

Osnoven-sud-Skopje-1

Оние правници што работат во адвокатурата, во нотаријатот или во извршителството најчесто го остваруваат тој работен однос врз основа на договор за волонтирање склучен со адвокатот, односно со адвокатската канцеларија каде што го остваруваат потребниот стаж од 1 година.

Иако тоа се врши без финансиска или друга добивка, според Законот за волонтирање, волонтерот има право на надоместок на однапред договорените трошоци поврзани со волонтерството (трошоци за храна, трошоци за превоз до и од местото на волонтирањето, трошоци за службени патувања и трошоци за обука). Надоместокот на трошоците за храна и на трошоците за превоз до и од местото на волонтирањето се исплатува најмногу во висина до 15% од просечната месечна плата во Републиката исплатена за претходната година, а трошоците за службени патувања и трошоците за обука се исплатуваат во иста висина како за вработените кај организаторот на волонтерската работа.

Еднаш годишно, пак, според Законот за високото образование, за студентите е задолжителна практична настава во траење од најмалку 30 дена и тоа е еден од условите за запишување во наредната студиска година.

Така, студентите по право посетуваат пракса во институции, во адвокатски, во нотарски или во извршителски канцеларии и одблизу можат да видат како функционира правото во пракса. Сепак, оваа активност не претставува работење и тие не добиваат надоместок за тоа.

С.М./akademik@akademik.mk