/Прочитано:

1.120

Даночната политика во фокусот на Роуд-шоуто на слободниот пазар

Денеска на Правниот факултет, „Јустинијан Први“ се одржа Роуд-шоу на слободниот пазар, на кое говореа домашни и странски универзитетски професори кои своите излагања ги посветија на прашања од областа на финансиите и даноците.

Денешниот настан го отвори деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Горан Коевски, кој го нагласи значењето на настанот на кој говореа видни светски и домашни експерти и професори од областа на финансиското право и економијата, помеѓу кои Свенск Тидскрифт, Крис Лингл и Федерико Фернандез.

Познатите експерти и професори се осврнаа на прашањата за етичките аспекти на даноците, даноците, прашањето за прогресивното и пропорционалното оданочување, економијата и глобализацијата на економијата и меѓународните пазари.

Низ дебата професорите истакнаа аргументи дека кога се работи за оданочувањето мора да се внимава на владеењето на правото, што значи дека секој треба да биде третиран еднакво и во таа смисла се доведува во прашање оправданоста на прогресивното оданочување. Дебатата дали да има прогресивно или пропорционално оданочување се води отсекогаш меѓу економистите и правниците, но на крајот тоа сепак зависи од гласачите и нивните претставници. Можеби, беше подвлечено на денешниот настан, за ваквите прашања најдобро е да има референдумски одговор од граѓаните.

Во поглед на прашањето за домашната даночна политика свои излагања имаа професорите од „Јустинијан Први“, д-р Александра Максимовска, д-р Јован Зафировски и д-р Александар Стојков и професорот од Економскиот факултет при  УКИМ, Борче Треновски.

Во своето излагање професорката Александра Максимовска нагласи дека од аспект на финансиското и даночното право не е спорно оданочувањето како прашање, односно тоа и не се поставува воопшто како проблем, туку проблем е кога се појавува двојно оданочување на граѓаните, што не може да се оправда од даночен и од финансиски аспект.

Во таа насока, професорката го нагласи значењето на предвидливоста на оданочувањето бидејќи предвидливоста подразбира јасни правила во поглед на даночните обврски. Потребно е, истакна професорката, сè да биде јасно, секој граѓанин и секоја компанија и фирма да знаат за што ќе биде оданочени, особено кога се донесува одлука за започнување на бизнис-активности.

Професорот Алаксандар Стојков, исто така, го нагласи значењето на предвидливоста на даноците, како и значењето на усогласената владина политика за оданочувањето. Владините претставници, подвлече Стојков, треба да имаат усогласени ставови околу даночната политика, а не да се излегува во јавноста со различни ставови или пак со најави и информации за нови оданочувања, како што беше најавата за оданочувањето за физичките лица за кое подоцна имаше ретерирање. Се добива впечаток, истакна професорот, како ставовите за даночната политика да се наоѓаат во магла.

Според професорот Стојков, даночната политика треба да биде насочена кон намалување на буџетското трошење и редуцирање на јавниот долг, што се претпоставки за праведно оданочување во интерес на граѓаните.

Професорот Јован Зафировски подвлече дека даноците немаат само економска и правна димензија, туку дека тие претставуваат и филозофско и идеолошко прашање кое има цел подобрување на економијата, на општата состојба во општеството и во државата, што ќе се рефлектира и на животот на граѓаните.

Во таа смисла, прашањето за оданочувањето е доста комплексно, особено ако се земе предвид дека дополнително е поврзано и со инвестициите и со глобалниот пазар. За инвеститорите, додаде Зафировски, клучни се политичката стабилност, владеењето на правото, правната сигурност, но во таа насока и прашањето за даноците.

Професорот Борче Треновски во своето излагање се осврна на економските аспекти на оданочувањето и на регионалните искуства во поглед на владините даночни политики. Во врска со прашањето за прогресивното оданочување најавено во Македонија, професорот рече дека потребно е да се остварат многу претпоставки за да се реализира ваквото оданочување. Едната од нив е да се утврди што е всушност богатство и кој според своите финансиски приходи е богат, што пак е во корелација со прагот на оданочување. Важно прашање е, додаде Треновски, и прашањето за даночната култура.

М.В