/Прочитано:

869

Данокот за додадена вредност за физички лица како прашање на владеењето на правото

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ ја објави студијата „Физичките лица во системот на ДДВ и владеењето на правото во Македонија со посебен осврт и предлог-решенија во делот на авторските договори“. Автори на студијата се Марјан Петрески, Марјан Николов, Весна Гарванлиева и Борче Смилевски.

Оваа студија е подготвена во рамките на проектот „FISCAST+: Фискалната транспарентност и одговорност ги подобрува политиките во областите на квалитет на живот, образование и здравство”, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британска амбасада Скопје.

„Владеењето на правото како концепт не е важнo само за себе за да обезбеди праведно општество, туку и за да овозможи амбиент за остварување економски пораст и развој. Доброто владеење во себе вклучува многу повеќе од моќ на државата или сила на политичка волја. Владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста не се само технички прашања за административна постапка или институционален дизајн, туку се резултат на степенот на демократија на процесите. Системот на јавни финансии треба да почива врз транспарентни процедури и правила бидејќи добро поставени процедури и правила што се применуваат и почитуваат без исклучоци ја намалуваат можноста од дискрециско водење политика, што води до предвидливост и сигурност на амбиентот за остварување на целите на економските агенти“, се вели во студијата.

Преку елаборација на прашањето на ДДВ за физички лица како прашање на владеењето на правото, во студијата се акцентираат повеќе заклучоци и препораки во таа насока.

Законот за ДДВ, се вели во студијата, во својата моментна форма, не овозможува правна основа за широка и за генерална примена на одредбите за оданочување на физичките лица и со тоа го поткопува владеењето на правото, главно, затоа што:

– Законот ја дефинира самостојната стопанска дејност во општа форма, која во деловите што се однесуваат на физичките лица доаѓа во целосна спротивност со одредбите од Законите за персонален данок од доход и од Законот за трговска дејност;

– Законот не дефинира што претставува континуитет на стопанската дејност;

– Законот не прави разлика меѓу договори што не вклучуваат промет на услуги од правни лица (најчесто, договори за грант) и договори што не вклучуваат промет на услуги од физички лица (најчесто, авторски договори), а даночните власти искажаа јавна намера вторите да ги вклучат во системот на ДДВ.

Оттука, оваа студија за политиките ги дава следните препораки, во целосна и недвосмислена функција на воспоставување и на засилување на владеењето на правото во доменот на спроведување на Законот за ДДВ:

– Законот за ДДВ да ја допрецизира стопанската дејност, како и прецизно да дефинира што претставува самостојност во вршење на стопанската дејност. Самостојната стопанска дејност да се усогласи со други закони, како што се Законот за ПДД и Законот за ТД;

– Да се отвори и да се води регистар на физички лица – обврзници на ДДВ. Регистарот може да се дизајнира според Меѓународната класификација на занимањата. Секое физичко лице, со запишување во регистарот, ќе ја назначува својата главна стопанска дејност;

– Законодавецот да определи што претставува континуитет во изведувањето на стопанската дејност, преку определување на бројот на трансакции за одредена стопанска дејност, кои би се сметале за континуитет. Оттука, услов за впишување во регистарот би бил не само прагот за ДДВ, туку и бројот на трансакции во одреден период;

– Допрецизирањето на Законот за ДДВ да содржи одредби со кои авторските договори што се надвор од опфатеноста со ДДВ ќе може лесно да се идентификуваат, односно да пропише најмалку дека тоа се договори кај кои: 1. Нарачателот не е директен корисник на произведените авторски добра; 2. Авторските добра се бесплатно достапни за користење на заинтересирани страни и на јавноста; 3. Надоместот за авторското дело не е определен по единица пазарна вредност на интелектуалниот труд; 4. Не постои комерцијална корист за нарачателот.

– За полесно разграничување на авторските договори што се надвор од опфатеноста со ДДВ од договорите што вклучуваат компоненти на консултантство, се препорачува во иднина авторските договори да содржат одредба од следниов тип: Авторското дело произведено во рамки на овој договор е за некомерцијални цели и ќе биде бесплатно достапно на општата јавност. Притоа, договорите кај кои нарачателот ќе одбие да вклучи ваква одредба, по автоматизам би потпаднале под системот на ДДВ.

– Да се подготват правилник и насоки за услугите што ги дават физичките лица во рамките на слободните професии што се сметаат за промет што се оданочува со ДДВ, за трошоците и за нивна распределба за одбивање ДДВ.

– Да се подготват јасно дефиниран правилник и процедури за издавање потврди за ангажирање лица што даваат услуги за активности што се однесуваат на физички лица со кои се потврдува ослободување од ДДВ, а за намените на проекти што се ослободени од ДДВ, како што се ИПА и Х2020, како и други донаторски проекти.

М.В