/Прочитано:

1.558

Дарко Стефановски (МБПР): Го воведовме извозниот факторинг со цел да влијаеме позитивно на ликвидноста на извозниците

Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) неодамна го воведе новиот инструмент за помош на македонските извозници, извозниот факторинг. Овој инструмент претставува откуп на (не)доспеани побарувања што нашите извозници ги имаат спрема странски субјекти и е комплементарен со извозно кредитното осигурување. За новиот производ на МБПР одвоени се околу 3 милиони евра. „Многу често слушаме во коморите и во различни здруженија, а и од нашите клиенти дека се соочуваат со проблемот на ликвидност. Со извозниот факторинг, MБПР всушност ги откупува под поволни услови фактурите пред да доспеат и нашите извозници добиваат финасирање без дополнителни колатерали, само врз основа на извозните фактури“, објаснува за Академик, Дарко Стефановски директор на Секторот за кредитно осигурување во МБПР.

Каков вид на факторинг нуди МБПР?

  • Ние нудиме извозен факторинг со право на регрес иако е осигурено побарувањето. Што значи тоа? Ако доспее фактурата односно ако рок на плаќање е 60 дена, тогаш во рок од 180 дена од доспевањето на фактурата ние се обидуваме заедно да го наплатиме побарувањето од странскиот купец. Доколку не успееме да го наплатиме, значи доколку пројдат тие 180 дена од доспевањето на фактурата, го враќаме побарувањето на извозникот и тој е должен да ни го врати надоместокот што го добил на име на извозниот факторинг, но истовремено му е осигурана фактурата, зошто за да се користи факторинг мора да му биде осигурана таа фактура. Доколку настанат некои од ризиците (стечај и продолжено неплаќање на странскиот купец – комерцијален ризик) поради  кои не плаќа странскиот купец, тогаш МБПР го обесштетува извозникот врз основа на полисата за осигурување.

Кои се критериумите една македонска компанија да склучи договор со МБПР за откуп на побарувањата (факторинг), може ли да претпоставиме колку од компаниите ќе бидат квалификувани за овој инструмент?

  • Критериуми за користење на факторингот е компанијата да има релевантни извозни побарувања , 51% да биде во приватна сопственост и да ги задоволува основните банкарски критериуми за финансирање. Прилично е добар одзивот, имаме компании од различна област, од автомобилската, од винската, хемиската, кондиторската, металната – каде  сме сега во фаза на преговори. 

Кои дејствија му претходат на договорот за факторинг?

  • Мора да бидат осигурани фактурите спрема странскиот купец, значи да користи кредитно осигурување, односно да биде осигурана конкретната фактура, за да можеме да направиме факторинг на таа фактура. Затоа овие два инструмента се комплементарни, но и врзани во нашиот пакет. Тоа е наменски направено се со цел да заштитат превозниците, не само да ги финансираме преку факторингот, туку преку кредитното осигурување да ги заштитиме од евентуални ризици на ненаплата. За да не настане дисторзија, зошто ние ќе го финансираме да речеме 80% авансот со самата фактура, но што ако не плати странскиот купец, после 180 дена ќе треба да ни ги врати извозникот средствата и повторно ќе има проблеми со ликвидност, а вака кога ја осигурал фактурата значи тој добива и евентуално обесштетување доколку настане стечај и продолжено неплаќање на странскиот купец, значи му нудиме и заштита и финансирање.

Дали ова значи дека постапката за еден извозник да стане клиент на МБПР многу зависи од странскиот купувач?

  • Да токму така. Мора странскиот купувач да ги задоволи нашите интерни методологии, а самиот извозник треба да исполнува одредени банкарски стандарди согласно со редовната банкарска практика. Ризикот во кредитното осигурување, а и кај факторингот е кај странскиот купец, затоа соработуваме со реномирани рејтинг компании, од најразлични земји кои имаат релевантни податоци за тамошните компании. Нарачуваме кредит рипорт, значи бонитет од странската фирма и правиме кредитна анализа.

Кој е процентот за откуп што го нуди МБПР и како се пресметува долгот, со камата или без камата?

  • МБПР откупува 80% од фактурата и на овој дел се пресметува камата, а останатите 20% му  ги префрламе на извозникот откако ќе плати странскиот купувач на сметката на МБПР за конкретната фактура за која е направен факторингот.

Колку е вкупниот буџет на МБПР одвоен за  овој инструмент?

  • Буџетот на МБПР  за овој инструмент е околу 3 милиони евра.

 Како МБПР ја врши наплатата?

  • Правиме заеднички напори со осигурениците преку определени контакти, се со цел да се обесштети клиентот. Но доколку во тој период, 180 дена од доспевање на фактурата, не се наплати побарувањето, а нема спор од страна на купецот тогаш ние го обесштетуваме нашиот извозник, тој ни го отстапува побарувањето и ние ја продолжуваме постапката понатаму  преку судски постапки и сл., тоа е веќе грижа на МБПР. Сме имале случаи, сме исплатиле големи штети и во постапката за наплата идело тешко, бидејќи компанијата доживеала банкрот. Затоа и МБПР се обесштетува, односно се реосигурува.

Што доколку настане спор помеѓу купувачот и клиентот на МБПР?

  • Кај кредитното осигурување ние покриваме два ризика, стечај и продолжено неплаќање поради неликвидност на купувачите. Доколку во периодот од тие 180 денови додека чекаме да плати странскиот купец, настане спор,  тогаш нашиот извозник е должен да поведе судска постапка за да го докаже релевантно своето побарување врз основа на судска одлука. Тогаш ние обесштетуваме 90 % од фактурната вредност која што не ја наплатил и судските трошоци, зошто се докажало дека имало релевантно побарување.

 Разговараше: Елена Павловска Објавено: 09.07.2012