/ Прочитано:

1.957

Дебата за јакнење на капацитетите и ресурсите во услови на мигрантска криза на Западен Балкан

Експертите оценуваат дека Македонија, како и другите држави од западнобалканскиот бегалски коридор низ кој минаа околу еден милион бегалци, беа исправени пред сериозни предизвици, пред сè, илегалната миграција, борбата со прекуграничниот криминал, но и заканите од тероризам. Основна цел на денешната тркалезна маса „Јакнење на капацитетите и ресурсите во услови на мигрантска криза на Западен Балкан“ што се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје беше да се споделат искуствата на земјите стекнати во периодот на справување со бегалскиот и мигрантскиот бран.

Основна цел на денешната тркалезна маса „Јакнење на капацитетите и ресурсите во услови на мигрантска криза на Западен Балкан“ што се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје беше да се споделат искуствата на земјите стекнати во периодот на справување со бегалците и мигрантите. Македонија, како и другите држави од западнобалканскиот бегалски коридор низ кој минаа околу еден милион бегалци, беа исправени пред сериозни предизвици, пред сè, илегалната миграција, борбата со прекуграничниот криминал, но и заканите од тероризам.

Според Лазо Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност, сигурноста и безбедноста на една држава најдобро се гледаат преку безбедноста на нејзините државни граници. На отворањето на тркалезната маса, Велковски посочи дека Македонија се наоѓа на меѓународните рути за недозволена трговија со наркотици, за трговија со луѓе, потенцирајќи го фактот дека од неодамна е и коридор на илегалните имигранти од Јужна Азија и Африка, чија крајна дестинација се земјите од Западна Европа. Тој истакна дека Македонија ги стави на располагање своите капацитети, со цел правилно да се справи со мигрантската криза.

Главниот инспектор во Националниот координативен центар за гранично управување, пак, Златко Николоски, во текот на дискусијата изнесе конкретни податоци за бројот на бегалците и мигрантите кои минаа низ Македонија. Низ западнобалканскиот коридор, како што потенцираше, поминале повеќе од 800.000 лица, од кои 120.000 биле деца. Соопштувајќи ги податоците од Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Николовски наведе дека дури 3 000 луѓе ги загубиле животите на нивниот пат кон крајната дестинација.

Тој рече дека рутата веќе е целосно затворена, но нагласи дека секојдневно има обиди за илегален влез. Во своето излагање на денешната дебата, Николовски истакна дека во периодот на бегалскиот бран, Македонија се соочи со безбедносен ризик, односно, како што рече, ризик на повратници на радикален тероризам што потекнуваат од регионот, но и со ризик по јавното здравје, бидејќи поголем дел од мигрантите доаѓале од земји каде што владеат маларија, ебола и морбили.

Како што истакна деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, денешната тркалезна маса има за цел подигнување на свеста во јавноста за евентуалните проблеми кои би можеле да се случат и во иднина, а истовремено, како што истакна Дуев, денешниот настан претставува и подготовка за летна школа што од 11 до 18 јуни ќе се организира во Македонија.

„Предвидени се пет дена во Скопје за теоретски дел со предавачи од универзитети од регионот и два дена практична настава. Теренска настава каде што студентите и сите заинтересирани за доусовршување ќе можат да стекнат вештини како се крева камп, што се случува на терен. Таму ќе предаваат лица кои биле на терен и биле инволвирани во мигрантската криза. Ќе издадеме сертификати кои ќе носат кредити на сите учесници“, појасни деканот Дуев.

А. Б.