/Прочитано:

1.116

Дебата за процесот на трансформација на УБК

Денеска во организација на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, се одржа дебатата „Безбедносни дијалози за процесот на трансформација на Управата за безбедност и контраразузнавање и механизми за контрола на следење на комуникациите“.

Целта на настанот беше презентација на моделот и механизмите за контрола на следење на комуникациите и отворање дебата за понатамошниот процес на трансформација на УБК во согласност со „Планот 3-6-9“ на Владата, како и имплементација на стандардите на Европската Унија.

На дебатата говореа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Николовски.

„По сè што видовме и доживеавме во годините зад нас, никој нема ни ронка дилема дека трансформацијата на Управата за безбедност и контраразузнавање, вклучително и на механизмите за контрола на следењето на комуникациите, е од суштинско значење во однос на системското редефинирање на безбедносниот сегмент“, рече министерот Оливер Спасовски во денешното обраќање на научно- стручната дебата за процесот на трансформација на УБК и механизми за контрола на следење на комуникациите што денеска се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје.

„Ако врз основа на постојното наше искуство, но и на мноштвото европски оценки и анализи за овдешните состојби – сме едногласни во сознанието дека УБК, со својот концепт на функционирање, беше предмет на класична и континуирана политичка злоупотреба, преку која политичко-бирократскиот естаблишмент ја генерираше општата коруптивност на општеството, тогаш сосема е јасно каква и колкава е големината на задачата што ја имаме преземено во насока на коренита реформа на овој безбедносен сегмент“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека и Владата на Република Македонија преку низа активности, вклучително и „Планот 3-6-9“, како и Министерството за внатрешни работи, во тесна комуникација и соработка со европски партнери почнаа со работа околу сите потребни нормативни, кадровски и технички претпоставки за реализација на реформите во УБК, и особено во делот на механизмите за контрола на следењето на комуникациите.

„Одлуката е донесена, одговорноста е преземена, агендата, односно принципите се јасни. Сега влегуваме во фаза кога главен збор треба да имаат експертите, професионалците, сите оние коишто со својата стручност можат да дадат соодветна контрибуција во градењето на концепт што ќе ги задоволи надежите на граѓаните за функционално општество. Држејќи се строго до начелото на отвореност, средбите, дебатите, дискусиите, конференциите како што е оваа денес, треба да ни дадат одговор – како сето тоа да се конструира и да оживее во практиката“, рече министерот Спасовски.

М.В