/ Прочитано:

1.384

Дебата за Законот за заштита на животните: Се предлага и забрана за подарување домашен миленик на малолетни деца

Решавањето на проблемот со бездомните животни бара мултисекторски пристап и соработка меѓу институциите на системот, невладините организации и локалните самоуправи и налага преземање законски дефинирани мерки и спроведување активности со кои конечно ќе се стави ред и ќе се реши овој децениски проблем.

Предложените измени на Законот за заштита и благосостојба на животните се во насока на подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици со цел намалување на бројот на бездомни кучиња.

Ова го истакна директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, на трибината посветена на предложените измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, која се одржа на Факултетот за ветеринарна медицина.

Тој пред присутните претставници од науката, пратеници, претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Ветеринарната комора, Ловечката федерација, Кинолошкиот сојуз, Заедниците на локалната самоуправа – ЗЕЛС и претставниците од невладините организации за заштита на животните и одгледувачи на расни кучиња истакна дека новините кои сега се предлагаат се во насока на унапредување на заштитата и благосостојбата на животните, пред сè за поставување основа за решавање на проблемот со бездомните кучиња и реалната опасност од нивното неконтролирано размножување.

Извештајот од дебатата, кој го објавува Агенцијата за храна и ветеринарство, го пренесуваме во целост:

„Комисијата за благосостојба во рамки на Агенцијата даде виза на предложените законски измени. По нивното донесување ќе се донесат и правилниците за одгледувачниците и за продавниците за домашни миленици, но и други подзаконски акти кои произлегуваат од овој закон – рече директорот Атанасов.

Кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици е во тек, рече тој и е една од мерките кои ги презема Агенцијата за олеснување на контролата за заокружување на концептот на одговорното сопствеништво и решавање на проблемот со бездомните кучиња.

‘Дадени се задолженија на општините за воспоставување на соодветен систем за контрола на популацијата бездомни кучиња. Агенцијата активно работи на одобрување на прифатилишта. Досега се одобрени девет, а во постапка на решавање се уште две прифатилишта за бездомни животни. Одобрени од Агенцијата се две од дваесеттина доставени програми од општините за справување со популацијата бездомни животни. Доколку не се постапи по задолжувањата која нашата институција ги даде на локалните самоуправи во овој дел, ќе има и казни’ , рече Атанасов.

Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство ги објаснија предложените законски измени за благосостојба. Се забранува неконтролирано размножување и продажба на домашните миленици, продажба на кучиња и мачки во продавници за домашни миленици и на продажба на домашни миленици на малолетни лица. На ваквиот законски предлог, претставниците на Кинолошкиот сојуз и одгледувачите на расни кучиња дадоа предлог во измените на законот да се додаде и одредба за забрана за подарување на домашен миленик на малолетни деца.

Со предложените измени се врши унапредување на одредбите во однос на контролата на популација на бездомни кучиња па така секој сопственик кој држи две или повеќе репродуктивно способни женки од видот куче ќе треба да се регистрира како одгледувачница, а физичкото или правно лице кое има една репродуктивно способна женка, согласно измените ќе биде евидентиран како регистриран одгледувач на куче.

Директорот Атанасов, појасни дека идејата на вака предложените законски измени е да се воспостави контрола на неодговорното сопствеништво како извор на досегашното неконтролирано размножување на кучињата и да се постави основата за вршење на инспекциска контрола и на сопствениците на кучиња.

Со предложените измени, сопствениците кои држат репродуктивно способни женски кучиња ќе имаат обврска да го стерилизираат својот миленик доколку не се регистрираат како одгледувач на куче или не регистрираат одгледувачница, што во голем дел ќе придонесе за намалување на бројот на бездомни кучиња на улиците. На овој предлог, претставниците на невладините организации за заштита на правата на животните и одгледувачите на расни кучиња и предложија со оваа мерка да бидат опфатени и машките единки.

Регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластено ветеринарно друштво, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај што ги вдомиле младенчињата. Трошоците за овие постапки се на товар на регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците кои со предложените законски измени имаат обврска да водат евиденција за милениците.

Новина во законските измени е можноста за вклучување на здруженијата за заштита и благосостојба на животните во носењето на Годишниот план за спроведување на активностите, бришењето на одредбите кои се однесуваат на прогласување на куче за опасно врз основа на расата и расните карактеристики, како и давањето на надлежности на Државниот комунален инспекторат општинските комунални редари и инспектори за вршење на контроли во поглед на одговорното сопствеништво.

Законот предвидува повисоки казни и за неодговорното сопствеништво, за физичките и правните лица кои нема да се регистрираат како одгледувачи, како и казни за неконтролирано размножување на кучињата.

Габриел Стибел од Кинолошкиот сојуз на Македонија на трибината посочи дека како држава мора да водиме сметка за генетскиот потенцијал на кучињата кои се чуваат во руралните средини како овчарски кучиња. Неопходно е и оваа популација кучиња, рече тој да биде ставена во системот на евиденција.

Претставникот на ловечката федерација на Македонија предложи место стерилизација на кучињата да се воспостави систем на ДНК анализа и креирање на база со податоци за секој миленик, што според директорот Атансов е прифатливо, но, како дополнителна мерка. Примарно, истакна тој, во овој момент треба да бидат мерките кои ќе бидат насочени кон стерилизација/ кастрација на репродуктивните единки, или регистрирањето на одгледувачница или регистрирањето како одгледувач на куче и создавањето на база за следливост на милениците.“

Здруженијата за заштита на животните бараат законот да штити, а не да убива

Пратениците расправаат за задолжителна кастрација на домашните кучиња

Законски измени: „Сопствениците добро да размислат дали навистина сакаат да чуваат домашен миленик“

„Анима мунди“ достави коментари и предлог-измени на Законот за заштита и благосостојба на животните

Предложен закон сопствениците да ги кастрираат своите кучиња кои се во репродуктивен период

Иницирани законски измени за решавање на проблемот со бездомните кучиња

М.В