/ Прочитано:

920

Дебата за законската и институционална рамка за изборниот систем во Министерството за правда 

Во Министерството за правда се оствари прва отворена дебата помеѓу претставници од државните институции инволвирани во изборниот процес, од граѓанскиот сектор кој ги набљудува изборите, од политичките партии во Македонија, како и од меѓународните организации релевантни во областа.

Како што информираат од Министерството за правда, во рамки на дебатата, која е предвидена во согласност со Планот 3-6-9 на Владата, се дискутирало за законската и институционална рамка за изборниот систем, при што предвид биле земени препораките на ОБСЕ/ОДИХР од предвремените парламентарни избори одржани во 2016 година и прелиминарниот извештај од последните локални избори, како и мислењето на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанска комисија за Изборниот законик од 2016 година.

„Потребата да се отвори дебата за изборниот систем е да се слушнат ставовите и мислењата на сите релевантни фактори во однос на укажувањата и препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанска комисија, да се разгледа потребата од евентуални интервенции во Изборниот законик преку што би се инкорпорирале добиените препораки, а секако и да се земат предвид и мислењата, односно укажувањата и на домашните организации што ги набљудуваат изборите. Основната цел е подобрување на изборната регулатива преку изнаоѓање на решение за отворените прашања од  последните парламентарни и локални избори, но исклучиво на инклузивна основа. Затоа потенцирам дека присуството на сите политички партии, особено од парламентарната опозиција, е од големо значење за да може заедно да го надградуваме изборниот систем и да придонесеме кон зацврстување на кредибилноста на изборниот процес“, истакна министерот за правда Билен Саљији.

На дискусијата, присутните ги отворија прашањата и за внатрешната поставеност на Државната изборна комисија,  за гласањето на дијаспората, за ажурирањето на Избирачкиот список, за личната документација на лицата во затворските установи, за изборниот модел и за значењето и можностите за постоење на отворени листи, како и за системот на приговори.

„Сите присутни ја поздравија идејата за започнување дискусија за изборниот систем потенцирајќи дека конструктивноста, инклузивноста и рационалноста во оваа фаза ќе ја однесе Македонија на добар пат кон приближување до европските вредности и стандарди, што е важен чекор пред добивање на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија. За таа цел се наметна како неопходна потребата во иднина почесто да се организираат дискусии со сите засегнати страни во процесот  што треба да доведе до конкретни решенија“, велат од Министерството за правда.

М.В