/ Прочитано:

893

Декларација за правото на политичко учество на граѓаните со попреченост

Група пратеници во Собранието поднесоа Предлог-декларација за правото на политичко учество на граѓаните со попреченост. Во Декларацијата се истакнува дека Собранието на Република Северна Македонија:

  • ги поддржува сите иницијативи и активности во насока на заштита и унапредување на правата на граѓаните со попреченост, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на учество на граѓаните со попреченост во политичкиот живот на државата;
  • ги афирмира учеството и застапеноста на лицата со попреченост, вклучувајќи го и учеството на жените и девојките со попреченост во политичките и јавните процеси;
  • ја истакнува потребата политичките партии, низ процес на меѓусебна соработка, да препознаат дека граѓанските и политичките права на граѓаните со попреченост не се вклучени во законодавството и јавната политика што го оневозможува целосното уживање на тие права и низ конкретни мерки и активности да обезбедат нивно вклучување во своите програми, почитувајќи ги принципите на родова застапеност;
  • ги поздравува напорите за примена на универзален дизајн во насока на обезбедување на пристап до јавни места, транспорт, информации, комуникации, технологии, производи, услуги, процеси и процедури за да можат граѓаните со попреченост да ги остварат своите права;
  • ги поддржува мерките за надминување на бариерите (физички и информативни), со кои се соочуваат граѓаните со попреченост, а кои ги оневозможуваат да ги остварат своите политички права, вклучително и правото да бираат и да бидат бирани како кандидати;
  • се залага за осигурување на пристапен изборен процес за сите граѓани со попреченост пред, за време и по изборите;
  • ја поттикнува институционалната поддршка на граѓаните со попреченост за развој на нивната политичка кариера и за обезбедување еднакви можности за граѓанско образование и обука за политичка надградба за граѓаните со попреченост;
  • оценува дека на планот на вклучување на граѓаните со попреченост во политичкиот живот е неопходно да се ангажираат сите надлежни државни органи низ процес на континуирано следење на состојбите и преземање соодветни мерки согласно меѓународните стандарди, особено оние од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, и со внатрешното законодавство;
  • ја потврдува својата позиција на политички субјект кој ќе продолжи активно да соработува со претставниците на граѓаните со попреченост;
  • ја изразува готовноста да продолжи да ја поддржува и афирмира работата на ИППГ во заложбите за остварување на правата на граѓаните со попреченост.

М.В