„Дел од критиките за судството доаѓаат од лица што за време на целиот свој работен век како судии и обвинители се криеле од јавноста“ – АНЕТА АРНАУДОВСКА
Во последните неколку месеци судството е објект на жестоки напади од сите страни. Секој може да ги коментира состојбите во судството и тоа е добро поради тоа што состојбите во судството се предмет на јавен интерес и дебата. Се разбира дека цивилното општество има обврска да ги надгледува состојбите во правосудството, но неретко се поставува прашањето и за чесноста на мотивите, интересите и политиките кои стојат зад сите тие организации и тела, вели во интервјуто за Академик, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.
- Директорке Арнаудовска, според Извештајот на Прибе, кандидатите на почетна обука и веќе избраните судии треба да одат на престој во некој од меѓународните судови. Академијата веќе започна со оваа практика. Каква ќе биде динамиката на оваа практика во понатамошниот период? Во тој контекст, дополнително, кои се вашите коментари за искажаните мислења во домашната јавност дека кадрите од Академијата не се доволно стручни?
Академијата во континуитет работи на остварување на европската агенда за подобрување на квалитетот на почетната и на континуираната обука. Ние, работејќи со, но и под будното око на големиот број на меѓународни проекти, многу добро знаеме кои се нашите слабости и како најдобро да ги артикулираме идните потреби на Академијата. Од тие причини, на средбата со г. Прибе самите ги предложивме и ги формулиравме насоките и идните планови за развој на Академијата и тие потоа беа внесени во Извештајот на експертскиот тим на ЕК. Од донесувањето на новиот Закон за академијата, во февруари 2015, работиме на подигнување на капацитетите на сите органи на Академијата, во смисла на исполнување на условите, како што се: поседување сертификати за англиски јазик, менаџерски испити, психолошки тестови, односно воведување на новите критериуми кои треба да доведат до поголем квалитет на сите субјекти кои ги креираат и ги спроведуваат политиките на Академијата, со фокус на предавачите како носители на едукативната дејност. Овие нови критериуми (како вообичаено) наидоа на голем отпор кај одредени субјекти кои со години користат едни исти аргументи дека на судиите во РМ не им е потребно да го знаат англискиот јазик бидејќи „судењата се водат на македонски јазик“. Ваквите старомодни сфаќања, за среќа, ги побија голем број наши предавачи, од кои, еве, досега 40 успешно го положија тестот за англиски и поседуваат сертификат, како еден од условите за стекнување на својството предавач, но и за членување во сите органи на Академијата, во согласност со новиот закон.
Би сакала да одговорам на одредени напади и обвинувања, изнесени во јавноста, дека судиите и обвинителите произлезени од Академијата не се стручни, не се снаоѓаат во судница и дека тоа се должи на недостигот на практична работа со кандидатите. Во сите досега усвоени Извештаи на ЕК за напредокот на РМ, недвосмислено се констатира дека Академијата ја одигрува клучната улога во регрутирањето на новите кадри и во стручното усовршување на судството. Ако се согледаат резултатите од работата на академците, ваквите наводи се сосема паушални и не се засновани на факти. Очигледно е дека мета на овие напади не се само веќе избраните судии и обвинители, туку и живото ткиво, од кое се регрутираат идните млади, стручни и обучени кадри на правосудството, што е особено опасно и деструктивно.
И покрај нашата голема транспарентност и видливост, зачудува непознавањето на целокупната 9-годишна работа на Академијата, чија почетна обука претставува пример за практичен пристап во регионот и во Европа и по чиј терк ги изградија своите концепти школите во Косово, Србија и Хрватска. Имено, кандидатите во текот на 15-месечен менторски стаж пишуваат голем број процесни акти и симулираат судења, а исто така учествуваат на меѓународни натпревари и симулации. Препораката на г. Прибе коинцидира со веќе воведената законска обврска за престој на кандидатите, како дел од практичната настава, но и на веќе избраните судии, во ЕСЧП, за што веќе е побарано зголемување на буџетот на Академијата. Дел од критиките за судството доаѓаат од лица што за време на целиот свој работен век како судии и обвинители, или како членови на професионалните здруженија на судиите и обвинителите, молчеле и се криеле од новинарите, а во тие својства имале обврска погласно да ги бранат интересите на професијата и да реагираат на какви било притисоци и влијанија. За жал, таквата инертна состојба егзистира и со актуелните здруженија.Во моментов голем број здруженија на судии се обраќаат до Советот на Европа со барања да усвои писмени реакции за одделни алармантни состојби во домашните судства, и тоа: за мешањето на властите врз судството, за намалувањето на платите, за непочитувањето од страна на извршната власт на предлозите на судската власт за кандидати за судии итн. Факт е дека судиите не говорат пред камера, а делумно тоа се должи и на меѓународниот стандард за воздржување од коментари за живите предмети. За жал, кај нас судиите и обвинителите започнуваат јавно да говорат за недостатоците и за проблемите во правосудството и стануваат негови најголеми критизери дури откако ќе заминат во пензија, кога ќе станат адвокати или откако ќе станат дел од невладиниот сектор.
- Неодамна во Охрид се одржа значајна меѓународна конференција за најдобрите практики во борбата против корупцијата. Она што можеше да се забележи на настанот е дека етиката беше едно од прашањата што беше постојано акцентирано како услов без кој не се може во борбата против корупцијата. Тоа го потенцираа и претставниците на ГРЕКО. Како да стане етиката во правосудството „морален закон“ за судиите, обвинителите, адвокатите и колку е едукацијата во тој дел носечки столб на доброто и професионално однесување?
Како шеф на делегација на ГРЕКО настојувам работата на овој комитет, неговите активности и акти да ги направам достапни за широката правничка, но и генерална јавност. Тоа го остваруваме и со континуирано поканување на членовите на ГРЕКО и на меѓународни експерти, кои имаат предавања за препораките, особено во однос на четвртиот, последен, круг на оцена, кој се однесува на превенција на корупцијата на пратениците, судиите и обвинителите. Инаку, РМ интензивно работи на исполнување на препораките зададени во овој круг, кои, пред сè, се однесуваа на раздвојување на функцијата на истрага, иницирање и одлучување во дисциплинската постапка, во согласност со стандардите на ЕСЧП. Во таа смисла, во тек е формирањето на Советот за утврдување на фактите, во однос на кое има голем број критики, но ќе повторам, тие повторно се упатени од субјекти што не ги разбираат препораките на ГРЕКО и што не ја прочитале компаративната практика во другите земји. Препораката за воведување вакво тело не е новина бидејќи ГРЕКО го препорача тоа на повеќе држави, токму поради опасноста од кумулирање на сите функции во врска со дисциплинската постапка во рацете на едни исти членови на Судскиот совет. РМ доби препораки да воведе и судска контрола на одлуките за избор и разрешување на судиите и обвинители, да го подобри квалитетот на системот на евалуација итн.
Во делот на борбата против корупцијата, системот треба да се справи со корумпираните судии и обвинители, но се разбира со постоење докази и со почитување на принципите од ЕКЧП. Во делот на зајакнување на етиката, како превенција од корупција, потребно е да се работи на обуките за етички кодекс на двете професии, на зголемување на знаењата за состојбите на фактички и потенцијален судир на интереси, за постапување со подароците, да се престане со користење разни врски и влијанија за решавање на предметите, потребно е да се изработат јасни водичи за тоа која надворешна активност, платена или неплатена, е дозволена или не е дозволена, да се избегнуваат блиските односи со адвокати, со бизнис-заедницата, со политичари, кои можат да создадат перцепција кај граѓаните дека е инфицирана независноста и непристрасноста на процесот. Особено е битна етиката во новиот акузаторен принцип на ЗКП заради почитување на еднаквоста на оружјата. Потребно е да се гради однос на почит и доверба подеднакво со двете странки и да не се случува обвинителите, како порано, да седат во судските канцеларии, а адвокатите да се повикуваат за судење од ходниците, односно треба да се научат правилата за екс парте комуникациите. Во тој правец, од особено значење е соработката со Адвокатската комора и учеството на адвокатите на нашите обуки, кои треба да претставуваат еден вид на коректив за нестручното и неетичко однесување на судиите и обвинителите, во согласност со новиот ЗКП. Во правец на создавање на чипот за акузаторниот принцип е и новата методологија на почетната обука, односно по завршување на заедничката теоретска настава, кандидатите се определуваат посебно за судии и посебно за обвинители и одат на одвоени менторски програми. На таков начин, со поддршка на ОБСЕ и ИНЛ-проектот на Американската амбасада, ги спроведовме и новите обуки за ЗКП, посебно за судиите и посебно за обвинителите. За жал, во сферата на етиката имаме случаи во кои судиите или обвинителите објавуваат слики на новите социјални мрежи, пишуваат коментари од својот приватен живот, се појавуваат на изборни митинзи со своите блиски, ставаат „лајкови“ на одредени политичари и сл., што во целина не соодветствува со нивната обврска како јавни личности за воздржување од преголемо експонирање и поседување на чувство за тенката линија меѓу слободата на изразување и правото на приватен живот, но и потребата од зачувување на угледот и достоинството на професијата. Сето ова настојуваме да го пренесеме на нашите обуки и семинари, на кои се изнесуваат меѓународните и компаративните искуства. Проблем е што нашиот менталитет е таков, што судиите не зборуваат отворено за своите етички дилеми, (Норвешка, Холандија), па ќе треба да се работи многу на создавање култура на обраќање на судиите и обвинителите до соодветните советодавни етички тела за доверливо советување за нивните етички проблеми. Сите овие активности ќе ги работиме во рамките на новиот ИПА-проект, во компонентата за зајакнување на етиката и интегритетот на правосудството. Особено е интересно прашањето за воведување на системот на дојавувачите (whistleblowers) во судството поради опасноста од денунцијација, односно потребно е да се воведе систем на заштита на дојавувачите, кој ќе биде изграден во согласност со практиката на ЕСЧП во оваа област, но и кој ќе ги спречи злонамерните дојавувања и кодошењето.
Треба да се воведат чисти и јасни правила за тоа на кого може и на кого треба да се пријават сомненијата за корупција; дали можело да се стори тоа на помалку нападен начин (внатре, во самата институција, на регулаторни тела или директно во јавноста, да речеме да се пријави на претседателот на судот или кај Судскиот совет или директно на медиумите); треба да се цени постоењето на јавниот интерес да се пријави одредена нерегуларност, степенот во кој е загрозена институцијата со информацијата објавена на таков начин, постоење на повреда на доверливоста и лојалноста; понатаму, дали дејствувал пријавувачот во добра волја, тежината на санкцијата која била употребена против пријавувачот итн. (Гуја против Молдавија и други).
На линија со акузаторниот систем е и воведувањето на Законот за одмерување на казните, со упатствата за казнување и формирање на Комисија, по угледот на американскиот модел, и чија цел е воедначување на казнената политика, која беше различна во апелационите подрачја и која започна да се применува на 7.7.2015, во согласност со препораките на ГРЕКО. Овој систем е еден од механизмите за превенција на корупција во судството. Во однос на овој нов закон, Академијата ги спроведе базичните обуки за сите судии и обвинители и повторно се спроведуваа посебно за судиите и посебно за обвинителите, со поддршка на ИНЛ-проектот на Амбасадата на САД. При тоа, акузаторниот систем не може да се меша и не смее да значи протнување на прецедентното право кај нас, со оглед дека, во согласност со принципите на нашиот правен систем, одлуките на највисоките судови не се извор на правото и не ги обврзуваат пониските судови. Уште помалку може да се наметне тоа право како експеримент во облик на задолжителни обуки на судиите на пониските судови, спроведени од страна на судиите на Врховниот суд.
- Во јавноста се споменува и прашањето за воведувањето на „специјален обвинител“ во врска со предметите за објавените телефонски снимки, како што ги нарекува Обвинителството. Што мислите за постоењето на ваков „формат“ на обвинител во однос на самата поставеност на македонскиот правен систем?
Во последните неколку месеци, судството е објект на жестоки напади од сите страни. Секој може да ги коментира состојбите во судството, тоа е добро, заради тоа што состојбите во судството се предмет на јавен интерес и дебата. Се разбира дека цивилното општество има обврска да биде watch dog на состојбите во правосудството, но неретко се поставува прашањето и за чесноста на мотивите, интересите и политиките, кои стојат зад сите тие организации и тела.
Имено, неодамна слушнавме за Мрежа 23, проект финансиран од ЕУ, за следење на состојбите во Поглавјето 23 и тоа е за поздравување. Меѓутоа не е за поздравување начинот на постапување на проектот, кој поканил претставници на правосудните институции со покана и агенда,(патем речено, мојата покана завршила во спам, а по моето извинување за недоаѓањето, и барање на маил од 22.7.2015, да ми ја пратат финалната анализа, сеуште чекам одговор).При тоа, се оддржува завршна конференција, без финалната анализа, врз основа на која, на учесниците би им била дадена можност за навремена подготовка заради евентуални реакции, писмени забелешки и слично, Самото резиме е засновано на нацрт анализата од 8.10. 2014, која пак, е само прераскажување на Извештајот за напредок на РМ од 2014 и кое резиме не открива ништо ново, туку претставува повторување на едни исти работи, кои севезден се „вртат“ за судството. По повторно барање на материјалите за да дадеме свои коментари, како Академија и засегната институција, која беше прозвана во медиумите, од Институтот за европска политика, добивме одговор дека не може да ни ги достават бидејќи истите се во фаза на нацрт анализа и сеуште не се објавени. Значи, се користи секоја можна ситуација за да се викнат медиумите и во јавноста да се створи перцепција дека судството бега од дискусии, дебати и критики, што не е точно. И меѓународната заедница која ги финансира сите овие проекти, особено ЕУ, треба повнимателно да се однесува и да бара овие разноразни анализи да бидат засновани на факти и објективни истражувања и да утврди дали и кому, истите му користат. За жал, дел од вината сносиме и ние во судството, поради нереагирањето и некоментирањето на вакви анализи.
Факт е дека челните луѓе на сите правосудни институции треба да имаат подобра комуникациска стратегија и соработка со невладиниот сектор и медиумите и да бидат поактивни во соработката со ДКСК, во креирањето на политиките и програмите за спречување и лечење на ризиците од корупција во судството, како и за зајакнување на независнота и отпорот кон влијанија. Во тоа треба да предничат претседателите на судовите и шефовите на јавните обвинителства, кои со личен пример на некоруптивност, треба да создадат атмосфера на нулта толеранција за корупција и за утврдување на слабите точки, кои претставуваат извори за корупција во институционална и персонална смисла. Добар пример е Црна Гора, која воведе планови за интегритет во секој суд, со анализа на ризиците од корупција на повеќе нивоа на интензитет со план на мерки за следење на истито. И Хрватска, која е членка на ЕУ, доби констатација од ГРЕКО за лошата перцепција на судството во јавноста и дека треба да го подобри односот со медиумите и поактивно да работи на подобрување на својот углед. И во Хрватска, случаите на висока корупција добиваат етикета на „селективна правда и политички случаи“. Неколку месеци наназад, кај нас, перменетно се изнесуваат голем број на наводи дека судството е нестручно, неефикасно, се повредуваат принципите на ЕКЧП, во однос на презумпцијата на невиност, на администрирање на правдата и се врши притисок врз судиите и обвинителите, истите и лично се навредуваат, но, се со крајна цел да се создаде перцепција дека истото не е способно да суди одредени актуелни предмети. Не ми се познати деталите во врска со договорот за воведувањето на специјален обвинител. Без оглед на тоа какво решение ќе се усвои и примени, опасно е тоа што, со оглед дека овој обвинител (обвинителски тим), ќе постапува пред судовите на РМ, при истата судска поставеност, утре ќе се соочиме со опасноста од критики и непризнавање, но сега на сите судови по вертикала и на сите судии и совети, кои ќе ги водат постапките по овие предмети.
Не ми се познати деталите во врска со договорот за воведувањето на специјален обвинител. Без оглед на тоа какво решение ќе се усвои и ќе се примени, опасно е тоа што, со оглед дека овој обвинител (обвинителски тим) ќе постапува пред судовите на РМ, при истата судска поставеност, утре ќе се соочиме со опасноста од критики и непризнавање, но сега на сите судови по вертикала и на сите судии и совети кои ќе ги водат постапките по овие предмети.
- Академијата за судии и јавни обвинители има ефикасен континуитет на своите обуки и реализација на поставените цели. Што претстои во следниот период, какви се идните планови на Академијата во однос на обуките и соработката со меѓународните организации и институции?
Како што нагласив, идните активности на Академијата на планот на обуката е постепено прераснување од квантитет кон подобар квалитет. За таа цел ги намаливме деновите на задолжителна обука, а со тоа и вкупниот број обуки, со цел да го подобриме нивото на подготовка на обуките, на предавачите и на наставните материјали, а и со цел да посветиме поголемо внимание на анализи, истражувања и статистики. За прв пат во системот на судски тренинг во Европа воведуваме и креирање методологија за оцена на ефектот на обуките, а во тој правец, со новиот ИПА-проект ќе работиме со врвни експерти од оваа област од правосудство, но и од бизнис-светот на земјите на ЕУ, за развој на критериуми за оцена на степенот на примена на наученото на обуките во секојдневната работа и практика, а ќе се фокусираме, пред сè, на практичните обуки за пишување и за правна аргументација на одлуките, особено на оние за притвор, за заштита на чл. 10, односно на обуките чија цел е унапредување на знаењата на судиите, во одлуките да ги реферираат стандардите воспоставени со меѓународните судови.
Подготвени сме за прием на новата генерација на академци, за кои ќе се објави оглас овој октомври, за што веќе јавно ја објавивме електронската база на прашањата за тестот и студиите на случаите, по кои ќе се полага новиот приемен испит, со цел потенцијалните кандидати навремено да се подготват. Постојната генерација академци ќе го полага завршниот испит во декември и имаме уште многу други активности и предизвици во примената на новиот Закон.
M.В / veljanoskim@akademik.mk