/ Прочитано:

1.776

Дел од политичарите ја отфрлаат аболицијата од претседателот Иванов

Покрај поранешниот претседател на РМ Бранко Црвенковски и спикерот на Собранието Трајко Вељаноски, кои го отфрлија помилувањето и истакнаа дека никогаш не побарале да бидат аболирани, одлуката за помилување од кривично гонење ја отфрли и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Зоран Заев на судење за случајот „Поткуп“

Неколкумина политичари или претставници на политички партии, кои се најдоа на листата од 56 лица помилувани од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, јавно изјавија дека не ја прифаќаат аболицијата.

Покрај поранешниот претседател на РМ Бранко Црвенковски и спикерот на Собранието Трајко Вељаноски, кои го отфрлија помилувањето и истакнаа дека никогаш не побарале да бидат аболирани, одлуката за помилување од кривично гонење ја отфрли и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој изјави дека е подготвен да се соочи со судските постапки кои се отворени против него за предметот „Пуч“ и за предметот „Поткуп“.

„Јас одам на рочиштата и немам намера да не го почитувам судот. Сакам во судска постапка да докажам дека и двата процеси се монтирани бидејќи никогаш немало насилство врз Никола Груевски ниту пак постои поткуп што сум го побарал или примил“, изјави Заев.

И членот на Државната изборна комисија од редовите на ДПА Бедредин Ибраими ја отфрли аболицијата. Во прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, Ибраими, наводно, прима наредби за начинот на кој треба да гласа за одредена одлука која треба да ја донесе Државната изборна комисија.

„Одлуката за моето помилување и запирање кривична пријава за дело што не постои, а немаме никаков одговор од Основното јавно обвинителство, ниту од Специјалното јавно обвинителство, е непотребно и бескорисно затоа што не постои никакво кривично дело“, изјави Ибраими.

Тој додаде дека за кривичната пријава што е поднесена против него има дадено изјава пред Основното јавно обвинителство и пред Специјалното јавно обвинителство за кое, како што рече, го почитува бидејќи е обвинителство формирано со закон.

На листата на помилувани политичари се најдоа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и други актуелни и поранешни функционери во владата, министерствата, локалната самоуправа.

Сите одлуки за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка се донесени врз основа на членот 1 и на членот 11 од Законот за помилување од 1993 година.

Црвенковски и Вељаноски не ја прифаќаат одлуката за нивно помилување