/ Прочитано:

2.296

Делегација на Адвокатската комора оствари средба со делегација на Националната школа за магистрати на Република Франција

Делегација на Адвокатската комора на Република Македонија составена од Гордана Митовска, член на Управниот одбор на Адвокатската комора на РМ,  Билјана Тошева, извршен директор на Адвокатската комора на РМ и Елена Павловска, советник за односи со јавноста на Адвокатската комора на РМ, оствари средба со делегација на Националната школа за магистрати на Франција составена од Изабел Сали, поранешен координатор за обуки во  Националната школа за магистрати и советник на министерот за правда на Франција, како и Себастијан Ботро Бонтер,  експерт за човекови права, аташе за соработка во Амбасадата на Франција во Скопје.

Акцентот на средбата беше ставен на размената на мислења и искуства во врска со обуките кои се спроведуваат од страна на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а кои адвокатите врз основа на Меморандумот на соработка потпишан помеѓу Академијата и Адвокатската комора на РМ во 2013 година имаат можност да ги посетуваат.

Од страна на делегацијата на Адвокатската комора  беше нагласено дека Академијата и Комората имаат воспоставено долгогодишна успешна соработка која се заснова врз заеднички настап на двете институции пред јавноста, учество во заеднички проекти, а сè со цел промоција и афирмација на стручното усовршување на сите целни групи. Адвокатите, беше посочено, се вклучени во обуки,  почетната и континуираната обука и тоа како предавачи на Академијата,но и во изготвувањето на наставните материјали, а ефектот од тие обуки е видлив во секојдневното практикување на адвокатурата.

Од страна на француската делегација беше појаснето дека за разлика од можноста македонските адвокати бесплатно да ги посетуваат обуките во Академијата, во Националната школа за магистрати на Франција, адвокатите партиципираат со одредено учество за обука. И двете страни изразија задоволство од ваквата соработка, како и надеж дека таа ќе продолжи и понатаму да се реализира и унапредува.

Експертската мисија се реализира во поглед на активностите кои се предвидени со Меморандумот за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Амбасадата на Република Франција во Република Македонија, заради подобрување на институционалните капацитети на Академијата преку подобрување на тренинг методологијата и капацитетите на предавачите и менторите, спроведување објективна евалуација на почетната и континуираната обука, зголемување на квалитетот на тренинг материјалите и подобрување на капацитетот на библиотеката на Академијата, во рамки на која е предвидено да се остварат средби и со претставници од сите правосудни институции.

М.В