/ Прочитано:

1.569

Делегација на Европската комисија за ефикасност на правдата во Министерството за правда

Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска се сретна со делегацијата на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ), предводена од заменик-претседателот на CEPEJ, Рамин Гурбанов. Мисијата е во дводневна посета за унапредување на соработката во областа на правосудната статистика во Република Македонија.

Зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем беше во фокусот на денешната средба, на која се дискутираше за стратешките насоки на Министерството за правда за подобрување на информационите системи за управување со предметите и за зајакнувањето на човечките капацитети во судовите и обвинителствата.

Министерката за правда, Рената Дескоска, ја запозна делегацијата со претстојните реформи и со измените на Законот за судови, како и на Законот за Судскиот совет, додека пак државните советници во Министерството за правда ги информираа за следните чекори во насока на подобрување на анализата и водењето статистика во областа на правосудната статистика.

Делегацијата на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) изрази благодарност за досегашната соработка со Министерството за правда и истакна дека Република Македонија е во групата земји кои доставуваат обемни, солидни статистички извештаи од областа на правосудството.

Европската комисија за ефикасност на правдата – CEPEJ е формирана со Резолуцијата Рес (2002) 12 на Комитетот на министри на Советот на Европа.  Еден од основните мотиви бил фактот дека принципот на владеење на правото не може да биде обезбеден без „правични, ефикасни и достапни судски системи”. Во тој контекст посебно се истакнува значењето на меѓудржавната соработка, која се одвива во неколку насоки, како: анализирање на различните правосудни системи, олеснување на примената на меѓународните правни инструменти во однос на ефикасноста на правдата и дефинирање конкретни мерки што треба да го унапредат функционирањето на правосудните системи во Европа.

Европската комисија за ефикасност на правдата – CEPEJ, покрај промовирањето на принципот на владеење на правото, игра значајна улога и во обезбедувањето на основните човекови права што произлегуваат од членовите 5 (право на слобода и безбедност), 6 (право на фер судење во разумен рок), 13 (право на ефективен правен лек) и 14 (забрана за дискриминација) на Европската конвенција за човековите права.

М.В