/ Прочитано:

1.030

Делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Министерството за правда

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска денеска оствари средба со делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, предводена од соизвестувачите Лиза Кристоферсен и Валериу Гилечи.

На средбата се дискутираше за реформските приоритети на Владата на Република Македонија и Министерството за правда – реформите во судството, како и за унапредувањето на човековите права, демократијата и владеење на правото.

„Реформите што ги спроведуваме во Министерството за правда се реформи за бенефит на граѓаните. Добрата законска основа е гаранција за независноста и непристрастноста на судството“, рече Дескоска.

Таа порача дека сите решенија и реформи ќе бидат предмет на широка јавна дебата, која ќе биде спроведена во консултација со компетентни лица од областа на судството и обвинителството, експертската јавност, Венецијанската комисија, граѓанскиот сектор и политичките партии, додавајќи дека таа посакува долгорочни решенија за доброто на граѓаните и државата, за што очекува консензус и политичка волја во Собранието.

Дескоска истакна дека очекува поддршка во спроведувањето на реформите, а претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа ја изразија својата поддршка за евроинтеграциските процеси на Република Македонија и спроведувањето на реформите во делот на правосудството.

На состанокот, министерката Дескоска и соизвестувачите Кристоферсен и Гилечи од ПССЕ дискутираа околу измените во Законот за судови, Кривичниот законик, како и за измените во Изборниот законик.

М.В