Делегацијата на набљудувачката мисија на ПС на Советот на Европа во Министерството за правда
Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска се сретна со делегацијата на набљудувачката мисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од Лиза Кристоферсен и Валериу Гилечи, информираат од Министерството за правда.
Главна тема на дискусијата беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2019 година, во контекст на спроведените реформи во Министерството за правда.
Министерката Дескоска го изрази своето задоволство за добиената безусловна препорака за почеток на преговорите со ЕУ и потенцираше дека тоа претставува потврда за успешноста на спроведените реформи кои се во надлежност на Министерството за правда.
Исто така, министерката Дескоска ги информираше известителите дека работата на новоформираната Државна комисија за спречување на корупцијата веќе дава добри резултати, а дека најдобро за тоа говорат постапките што ги води Комисијата против носителите на јавните функции.
Министерката Дескоска истакна дека се очекува имплементација на веќе донесените закони во сферата на судството.
„За време на состанокот, министерката Дескоска изрази благодарност до Венецијанската комисија за нивната драгоцена поддршка во процесот на подготовката на законските решенија и потенцираше дека резултатот од нивната поддршка е исто така видлив во Извештајот за напредокот на земјата“, додаваат од Министерството.