/ Прочитано:

4.471

ДЕЛОВНАТА ТАЈНА КАКО НАЧИН НА ПОСТИГНУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТСКА ПРЕДНОСТ – Искуствата на македонската и споредбената практика и правна рамка

Со проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски од Правниот факултет „Јустинијан Први” разговараме за едно многу интересно и актуелно прашање, а тоа е деловната тајна. Како што знаеме, секое трговско друштво се стреми да ги заштити своите класифицирани информации. Соговорниците токму по ова прашање изработија и посебно истражување, што е и мотивот за овој разговор.

akademik foto 1

Значењето на деловната тајна за самите бизнис-активности на трговските друштва

Во врска со значењето на деловната тајна за самите бизнис-активности на трговските друштва, проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски  истакнуваат дека преку деловната тајна трговските друштва ги штитат своите конкурентски предности.

„Во тој сегмент спаѓаат различни видови информации, како што се: информации од финансиска природа, техничка природа, економска природа, инженерски информации, формули, дизајни, прототипи, процедури и компјутерски кодови. Заштитата особено е од интерес на иновативните бизниси кои своите планови ги темелат во основа на сектори, како што се: истражување и развој (research and development). Преку деловната тајна се штитат информации кои имаат посебна комерцијална вредност за имателите. Според некои процени, дури 70 проценти од имотот на трговските друштва претставуваат нематеријални ствари во чиј состав деловната тајна претставува значителен дел. Гледано во бројки, според едно истражување, вредноста на деловната тајна како дел од имотното портфолио на американските трговски друштва котирани на берза изнесува 5 илјади милијарди американски долари,  додека пак трошоците кои американската економија ги има поради кражба и злоупотреби (неовластено користење) на деловната тајна изнесуваат околу 3 проценти од бруто-домашниот производ на Соединетите Американски Држави, или пак, според други процени, штетите изнесуваат помеѓу 160 и 480 милијарди американски долари. Последиците од злоупотребата на деловната тајна можат да бидат изразени на различни начини: намалување на вредноста на деловната тајна, губење на предноста која ја дава деловната тајна пред конкуренцијата, намалување на работни места, нанесување на штета на индустријата инт.“, велат Коевски и Спасевски.

akademik foto 1

проф. д-р Горан Коевски

Трендовите во ЕУ и во САД

Во однос на трендовите во Европската Унија и во Соединетите Американски Држави кои се однесуваат на правилата за заштита на деловната тајна, професорите посочуваат дека во 2016 година, во меѓународни рамки важни се два моменти: Директивата ЕУ 2016/943 за заштита на неоткриени знаења и искуства и трговски информации (деловни тајни) од незаконско прибавување, користење и употреба (Directive (EU) 2016/943 of the European Parliament and of the Council of 8 June 2016 on the protection of undisclosed know-how and business information (trade secrets) against their unlawful acquisition, use and disclosure) и Законот за заштита на трговските тајни (The Defend Trade Secrets Act) во Соединетите Американски Држави.

Значењето на новата Директива на ЕУ 2016/943 со која се уредува заштитата на деловната тајна

За значењето на новата Директива на ЕУ 2016/943, со која се уредува заштитата на деловната тајна, Коевски и Спасевски велат дека основната цел која си ја поставува Директивата на ЕУ 2016/943 е да обезбеди хармонизирани правила во однос на дефиницијата на деловна тајна, обемот на заштита, како и правните средства кои служат за заштита на деловната тајна, посебни одредби во однос на граѓанската постапка, судската постапка итн.

„Директивата на ЕУ 2016/943 треба да одговори на предизвиците кои се поставуваат во системот на заштита на деловната тајна во рамките на земјите членки на Европската Унија. Досегашниот систем на заштита се базираше во основа на одредби во националните правни прописи. Во воведниот текст (преамбулата) на Директивата се нагласува дека ‘деловната тајна е особено важна за малите и средни претпријатија’. Деловните тајни имаат значајна улога која овозможува заштита на размената на знаење помеѓу трговските субјекти и истражувачките институции, како и во рамките на меѓуграничната соработка при европскиот заеднички пазар. Договорите ТРИПС се применуваат и во Европската Унија, но сепак состојбите на теренот се такви што не постои унифицираност и хармонизација на националното право на земјите членки на Европската Унија во однос на корпусот на правила за деловната тајна“, посочуваат Коевски и Спасевски.

Законот за заштита на деловните тајни од 2016 година, додаваат професорите, во Соединетите Американски Држави во голема мера го менува целокупниот систем на правна заштита на деловната тајна. Овој пропис воведува голем збир мерки со кои системот за заштита на деловната тајна треба да биде поефикасен и пофункционален, а одредбите попрецизни.

akademik foto 1

доц. д-р Дарко Спасевски

Српски и хрватски искуства

„Главниот заклучок во однос на ова прашање е дека и во Србија и во Хрватска има посебни законски прописи кои имаат карактер на lex specialis, со кои се третираат механизмите за заштита на деловната тајна. Имено, од страна на српскиот законодавен дом во 2011 година е донесен Законот за заштита на деловна тајна. Законот е посветен изречно на уредување на прашањето за деловната тајна, додека пак другите видови на информации кои вклучуваат информации означени како: државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно се уредени со посебен Закон за тајноста на податоците.            Во Република Хрватска во 1996 година е донесен Законот за заштита на тајноста на податоците, каде што во главата осум е уредено прашањето за деловната тајна, а во главата девет е уредено прашањето за професионална тајна. Во 2007 година во Република Хрватска е донесен нов Закон за тајност на податоците, во согласност со кој престанува да важи претходниот Закон за заштита на тајноста на податоците од 1996 година, освен главите осум и девет кои се однесуваат на деловна тајна и на професионална тајна. Со оглед на тоа што Хрватска е членка на Европската Унија, има обврска да изврши усогласување на националните прописи со одредбите од Директивата на ЕУ 2016/943, до 8 јуни 2018 година“, велат Коевски и Спасевски.

Правната рамка за заштита на деловната тајна во Република Македонија

Во однос на правната рамка за заштита на деловната тајна во Република Македонија, Коевски и Спасевски велат дека отсуствува  lex specialis, т.е. пропис со кој ќе се уреди деловната тајна. Независно од ова, додаваат тие, одредби со кои се уредува деловната тајна се наоѓаат во мноштво прописи кои директно уредуваат прашања од интерес на трговското право.

„Во таа насока, одредби со кои се уредува прашањето за деловна тајна се содржани во низа закони. Во група закони од областа на трговското право се содржани посебни одредби кои ја уредуваат деловната тајна од аспект на нејзина заштита во рамките на трговските друштва, како и на пазарот на капитал. Па така, може да ги издвоиме: Законот за трговските друштва, Законот за хартиите од вредност, Законот за стечај итн.

akademik foto 1

Законот за облигационите односи содржи неколку релевантни одредби кои се однесуваат на деловната тајна. Тука, пред сè, можеме да ги наведеме одредбите од членот 22, став (4) со кои се заштитува деловната тајна, т.е. класифицираните информации во фазата на преговорите.

Посебна важност имаат одредбите содржани во Законот за парничната постапка кои имаат за цел да овозможат заштита на деловната тајна во постапката која се спроведува пред судот. Овие одредби се важни бидејќи судската постапка е постапка во која двете страни во своја одредба треба да можат да изнесат разни информации кои понекогаш имаат карактер и на деловна тајна. Во таа смисла, се работи за чувствителни процедури во кои заштитата на деловната тајна е неопходна“, посочуваат Коевски и Спасевски.

„Еден од најзначајните сегменти каде што може да дојде до неовластена употреба се односите помеѓу работодавецот и работникот. Тоа од причина што работникот во вршењето на своите редовни работни обврски многу често ќе има потреба да добие информации кои подлежат под деловна тајна од страна на работодавецот. Овој факт го имаат предвид сите прописи од сферата на работните односи, па така и македонскиот Закон за работните односи предвидува низа одредби со кои се уредува ова прашање. Покрај граѓанскоправната одговорност, со цел да биде ефикасен системот на заштита на деловната тајна, потребно е да овозможи и кривичноправна заштита. Ваквата тенденција неминовно е присутна и во кривичното право на Република Македонија. Во согласност со Кривичниот законик се предвидени низа кривични дела за нарушување на деловна тајна“.

На прашањето во која насока треба да се развива домашната правна рамка, а земајќи ја предвид и новата Директива на ЕУ 2016/943, професорите нагласуваат дека анализирајќи ја состојбата во Република Македонија, се забележува отсуство на lex generalis, т.е. пропис кој системски ќе го уреди прашањето за деловната тајна.

Секако, истакнуваат Коевски и Спасевски, одредби кои овозможуваат нормативна уреденост на третираното прашање се содржани во низа закони кои беа објаснети претходно. Во таа смисла, во контекст на прашањето од интерес, Коевски и Спасевски ја наведуваат следната препорака: 1) донесување на посебен законски акт со кој ќе се уреди системот на заштита на деловната тајна, којшто 2) ќе биде усогласен со стандардите поставени во Директивата на ЕУ 2016/943.

Покрај заштита на деловната тајна преку позитивните прописи, постојат и други механизми

Покрај правните механизми, велат професорите, кои вклучуваат како граѓанскоправна така и кривичноправна заштита на злоупотребата на деловната тајна, потребно е субјектите носители на деловна тајна да воспостават практики и процедури кои ќе овозможат интерна заштита на деловната тајна. Покрај тоа, друг важен момент кој обезбедува заштита на класифицирани информации е преку договорни клаузули на еден конкретен договор.

„Според некои автори, потребата од изградба на интерна култура за заштита на деловната тајна адресира неколку мерки: 1) водење на список (листа) со деловни тајни со цел да може да се процени нивната состојба и мерките преземени за нивна заштита; 2) процена на внатрешните мерки предвидени за идентификација и заштита од евентуален инцидент или ризик кој може да доведе до откривање на деловна тајна; 3) процена на посебните клаузули за доверливост содржани во договорите за вработување, како и механизмите кои се предвидени за заштита во тој поглед; 4) процена на интерните процедури, деловни практики во поглед на креирање на договорни одредби за доверливост и заштита на деловна тајна содржани во општите услови на работење или во договорите кои се користат со добавувачите, потрошувачите; 5) изработка на насоки и упатства кои ќе бидат користени од внатрешните организациони единици; 6) обезбедување на систем на контрола на влез и излез во просторите на субјектот кој е имател на деловна тајна и 7) обезбедување на обуки и тренинзи за вработените кои директно или индиректно се во контакт со информации кои претставуваат деловна тајна. Покрај овие совети, се забележуваат и следните предлози: 1) формирање на интерна комисија во која најмалку еден член ќе биде од сектор за човечки ресурси, еден член од компјутерски сектор и еден правник (зависно од дејноста во која работи друштвото, препорачливо е да има и член од делот за истражување и развој), 2) евалуација на системите за комуникации на друштвото кои вклучуваат персонални компјутери, преносни компјутери, паметни телефони, дата бази, телефони и др.; 3) постоење на правила за надзор над употребата на средства за комуникација во сопственост на друштвото кои вработените ги користат за вршење на нивните работни обврски; 4) предвидување на посебни механизми за заштита на деловна тајна која вработените ја добиле во посед или ја имале при вршењето на работите, а потоа нивниот работен однос престанал и 5) изработка на протокол во кој ќе бидат опфатени детално сите предложени мерки“, велат Коевски и Спасевски.

akademik foto 1

 Трговските друштва иматели на деловна тајна самите можат интерно да изградат механизми за заштита на деловна тајна

Во врска со прашањето за начинот на кој трговските друштва иматели на деловна тајна самите можат интерно да изградат механизми за заштита на деловна тајна,  Коевски и Спасевски посочуваат дека во согласност со Законот за трговските друштва постои можност ваков тип на прашања да бидат уредени со различни интерни акти на друштвото.

„Тоа може да биде уредено со основниот акт на друштвото, со договорот за друштвото или со статутот, или пак со друг акт.  Кога ги анализираме клаузулите за заштита на деловна тајна и за доверливост содржани во договорите, а кои се базираат на начелото на слобода на договарање, може да набележиме различни искуства. Вообичаена практика е ваквите клаузули да бидат содржани во општите услови за работење или да бидат посебен модел на договор кој содржи неколку члена и кој најчесто го уредува само ова прашање. Исто така, одредби за заштита на деловна тајна се содржани и во самиот текст на главниот договор“, образложуваат проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски од Правниот факултет „Јустинијан Први”.

M.В