/Прочитано:

713

Деловните тенденции во градежништвото и трговијата на мало

Државниот завод за статистика објави соопштенија за деловните тенденции во градежништвото и во трговијата на мало.

Деловни тенденции во градежништвото, четврто тримесечје 2017

Според оцената на раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото, индикаторот на доверба во четвртото тримесечје од 2017 година е помал за 0,1 процентен поен во однос на третото тримесечје, а е зголемен за 0,7 процентни поени во однос на истото тримесечје од 2016 година.

Очекувањата за вкупните порачки (договори) за градежни работи се понеповолни во однос на претходното тримесечје. Очекувањата за бројот на вработените се дека тој ќе се зголеми во наредните три месеци.

Оцената за економската состојба во четвртото тримесечје од 2017 е понеповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна во однос на четвртото тримесечје од 2016 година. Оцената за сегашната состојба со порачки (договори) на нивните деловни субјекти е поповолна, додека оцената за финансиската состојба е понеповолнa во однос на претходното тримесечје.

Во наредниот период се очекува да се зголемат продажните цени, a бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се над нормалата.

Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: зголемени трошоци за материјали со 19,8 %, нема побарувачка со 15,0 %, конкуренција во сопствениот сектор со 11,4 % и зголемени финансиски трошоци (камати) со 11,2 %.

Деловни тенденции во трговијата на мало, четврто тримесечје од 2017 година

Според оцената на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во трговијата на мало во четвртото тримесечје од 2017 година е зголемен за 0,1 процентен поен во однос на претходното тримесечје, а зголемен за 1,2 процентни поени во однос на истото тримесечје од 2016 година.

Eкономската состојба на деловните субјекти во четвртото тримесечје од 2017 година е понеповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна во однос на четвртото тримесечје од 2016 година. Се очекува дека ќе биде понеповолна во наредните две тримесечја. Количеството на залихите е намалено во однос на претходното  тримесечје.

Финансиската состојба во четвртото тримесечје од 2017 година е поповолна во однос на третото тримесечје од 2017 година, оцената за очекуваните порачки за наредниот период е понеповолна, а очекувањата за бројот на вработените се дека тој ќе се зголеми.

Продажните цени во четвртото тримесечје од 2017 година се зголемиле незначително во однос на третото тримесечје од 2017 година, а се очекува нивно намалување во наредните 3 месеци.

Најголемо влијание врз ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на четвртото тримесечје од 2017 година имале: слабата побарувачка од купувачите со 31,5%, зголемената конкуренција на пазарот со 18,3%, недостиг на обучен кадар со 12,0% и зголемената понуда на пазарот со 11,1%.

М.В