/Прочитано:

668

„Демократијата не се сипа со бомби на глава, а религијата треба да е одделена од политиката“ – ШИРИН ЕБАДИ, иранска адвокатка

Една од придобивките на европската ренесанса е во поделбата на политиката и религијата, а ваквите движења дури сега постојат на Блискиот Исток, вели иранската адвокатка и добитничка на Нобеловата награда за мир, Ширин Ебади, позната како жесток критичар на иранските власти, неоправданите воени интервенции како надворешна политика на Западот и однесувањето на европските влади кон бегалците.

Прва жена судијка во Иран

Ебади љубовта кон правото ја наследува од својот татко, кој бил професор по комерцијално право. Таа се запишува на Правниот факултет во Техеран, каде се стекнува и со докторат по правни науки. Избрана е за судијка, со што нејзиното име останува во историјата на иранското судство запаметено како прва судија – жена. Сепак, по Исламската револуција, заради новите правила и забрани, таа е преместена од работното место судија во работното место – секретарка. Не можела да практикува адвокатура дури ни по деценија и пол. Во меѓувреме, Ебади била активна на книжевен план, пишувајќи книги, анализи и статии.

По започнувањето  на адвокатурата таа со впечатлива активност се посветува во сферата на заштитата на човекови права. Практично целата нејзина работна кариера и живот се посветени кон заштитата и промоцијата на човековите права, особено на правата на жените, децата и бегалците.

Добивање на Нобеловата награда за мир и нејзина „конфискација“

За нејзиниот неуморен ентузијазам и труд, таа во 2003 година ја добива Нобеловата награда за мир, но иранските власти  и ја „конфискуваат“ наградата. Тогаш адвокатката изјави дека властите и ги зеле Нобеловиот златен медал и дипломата од нејзиниот сеф, бидејќи, како што и било соопштено – „таа не исплатила данок за паричниот износ од Нобеловата награда“. За овој настан, Норвешка соопшти дека ова е за прв пат во 108 годишната историја на наградата да се конфискува Нобеловиот златен медал и беа упатени остри реакции кон Иран.

Протерување од родната земја

После „конфискацијата“ иранските властите и ја затвораат канцеларијата во која требало да се одржи церемонија на одбележување на шеесет годишнината од Декларацијата на Обединетите нации за човекови права. Конечно, во 2009 година, иранските власти ја протеруваат познатата адвокатката од својата родна земја.

Отворени критики и кон Западот

Денес таа живее во Лондон и е жесток противник на иранскиот режим, но и со отворени критики кон Западот. Минатата година таа ги повика западните развиени земји да го подобрат третманот за луѓето кои бегаат од конфликтните региони на Блискиот Исток и низ светот. „Тие бегаат од сиромаштија и депотизам“, изјави таа, обвинувајќи ги европските влади дека не помагаат доволно на бегалците. Покрај нејзините критики кон иранскиот режим, таа е отворен противник и на  на воените акции на западните земји, потенцирајќи дека демократијата не се носи со бомби.

Демократијата не се сипа со бомба на глава

„Слободата и демократијата не можат да им се „сипаат“ во главите на луѓето со бомби. Иранците се многу критични кон својата сегашна влада. Но, колку и да ја критикуваат, не е задача на американските војници да решаваат наместо нив“, изјави Ебади за чешките медиуми.

Според Ебади, клучно во постигнување на општествениот мир одвојувањето на политиката од религијата, како првенствен и „ренесансен“ чекор. Таа деновиве изнесе свое видување дека она што се случувало во Европа, всушност денес се случува на Блискиот Исток, што се препознава преку првите чекори и обиди на некои движења кои се борат да се оддели религијата од политиката, односно од државата.

Потребна е поделба на верските од политичките институции

„Во Европа четири века започна ренесансата и едно од достигнувањата на оваа преобразба е поделбата на политичките и верските институции. Се разбира дека Европа плати цена за да се стигне до тоа ниво. Во моментов на Блискиот Исток постои движење кое се бори за одвоеност на политиката од религијата, но на активистите на тоа движење им закануваат фундаменталистички групи кои сакаат да владеат како пред петнаесет векови, кога Исламот се појави. Овие исламисти сакаат како некогаш жените да се каменуванаат до смрт, да сечат прсти на ситни крадци и да ги присилуваат луѓето кон религијата. Тие кои сакаат друга вероисповест, мора да плаќаат данок. Значи, нашата реалност е судир помеѓу луѓето кои сакаат да ја задржат темнината од минатото и оние кои тежнеат кон реформи и слободен стил на живот“, вели Ебади.

Ако во Иран жената сака да патува, потребна и е „виза“ од мажот

Адвокатката искажува податоци дека дури 65 проценти од студентите во Иран се жени, кои се на многу професорски позиции, но дека тие се дискриминирани особено во делот на брачните релации.

„Исламската револуција во 1979 година доведе до многу дискриминаторски закони против жените, како на пример тој дека мажот може да има брак со четири жени, ако тоа го сака. Исто така, дозволено им е да се разведат кога сакаат без никакви причини за тоа, додека за жените тоа е исклучително тешко. Припадничките на поубавиот пол не можат да патуваат ако сопругот тоа не го „аминува“. Секако дека Иранките се против тоа и се борат за своите права, што всушност ги прави и противници на режимот“, заклучува адвокатката.

28.10 2014/ М.В/ veljanoskim@akademik.mk