/ Прочитано:

1.376

ДЕН НА БУЏЕТОТ: Прва годишна конференција по повод носењето на првиот Буџет на независна Република Македонија

Пред дваесет и шест години, кога е донесен првиот Буџет на Република Македонија, ѝ покажавме на домашната јавност, а пред сè на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и на меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да го испланираме, да го донесеме, да го полниме и да го реализираме буџетот, без кој не може да се замисли ниту една функција на државата, беше истакнато на денешната Прва годишна конференција на Министерството за финансии по повод носењето на првиот Буџет на независна Република Македонија.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека одбележувањето на овој ден претставува силен државнички континуитет и оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките и објективните премрежија низ кои помина Република Македонија во изградбата на демократски институции.

„Заложбата за транспарентност и отчетност се рефлектира најдобро во управувањето со јавните финансии, особено при креирањето и спроведувањето на буџетот“, потенцираше премиерот Заев.

Министерот за финанси, Драган Тевдовски, рече дека, со цел да го унапреди системот за управување со јавните финансии, Министерството за финансии направило стратегија за реформи кои ќе придонесат до поголема транспарентност и среднорочна рамка за буџетот.

„Во Министерството за финансии започнавме да гледаме на подолг рок. За прв пат од независноста, Министерството за финансии има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување на среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па сè до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување  на системот на јавните финансии во насока на ЕУ-стандардите“, истакна министерот за финансии Тевдовски.

Тевдовски посочи дека досега Денот на буџетот не бил одбележуван, иако тој има историско значење во градењето на нашата држава. Како што посочи Тевдовски, буџетот е еден од темелите на македонското општество.

„Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат, на пример: платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца; опремата која се користи во јавното здравството; поддршката за вработување која им се дава на невработените; социјалната помош; поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат; изградбата на канализации, системи за наводнување, училишта, болници, патишта и енергетски објекти. А, секако, дека од буџетот зависат и многу други работи, кои имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија“, истакна Тевдовски.

Како што истакна Тевдовски во своето обраќање, Македонија може да биде општество со помали разлики помеѓу сиромашните и богатите. Македонија, нагласи министерот,  може да има праведно оданочување, заедно со транспарентност и отчетност при трошењето на парите собрани од даноците. Македонија може да биде место каде што младите ќе имаат можност да ја градат професионалната кариера, а нивниот труд ќе биде достоинствено платен, стремејќи се кон европските стандарди – посочи Тевдовски.

„Во Република Македонија, ако гледаме од нормативен аспект, при тоа мислам на соодветните закони од оваа проблематика, како и на Деловникот за работа на Собранието и можностите што ги дава за парламентарната контрола врз буџетот, можеби и не сме толку лоши. Постојат повеќе механизми и форми за тоа. Да ја споменам само улогата на Комисијата за финансирање и буџет при донесувањето на буџетот, како и при донесувањето на ребалансите на буџетот. Но, со тоа не завршува улогата на Комисијата за финансирање и буџет. Според Деловникот, Комисијата може и преку други форми да врши контрола врз буџетот, и тоа како врз приливот во државната каса така и врз начинот како се троши, гледано по одредени дејности“, истакна на денешната Конференција претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Тој потсети дека Собранието врши контрола на буџетот при разгледувањето и при донесувањето на завршната сметка на Буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година. Таа контрола е можна и преку институтот Пратенички прашања, потоа преку разгледување на Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи.

„Меѓутоа, останува отворено прашањето, колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола, како врз прибирањето така и врз трошењето на парите на граѓаните. Ако сакаме да бидеме критични и објективни, тогаш мораме да признаеме дека ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во развиените демократски држави“, подвлече Џафери, нагласувајќи дека парламентарното мнозинство не сака да биде само гласачка машина, туку сака аргументирано да расправа за буџетот, независно визави извршната власт.

На Првата конференција на Министерството за финансии присуствуваа и директорот на Светската банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија Линда Ван Гелдер, како и поранешните министри за финансии Таки Фити, Петар Гошев, Никола Поповски и Трајко Славески. Првиот Буџет на Република Македонија е донесен на 2 април 1992 година.

М.В