/ Прочитано:

1.144

ДЕН НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА: Во прописите пишува едно, а во реалноста се случува друго – потребна е суштинска заштита на човековите права

Секој 10-ти декември меѓународната заедница го одбележува Денот на човековите права во сеќавање на денот кога во 1948 година беше донесена Универзалната декларација за човековите права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.

akademik foto 1

Универзалната декларација за човекови права е акт усвоен од Генералното собрание на ОН на 10 декември 1948 година, во Париз. Денес, нејзиното историско значење претставува вовед и инспирација за одбележувањето на човековите права ширум светот.

Со донесувањето на Декларацијата, 10 декември се воспоставува како ден со кој ќе се одбележуваат човековите права на глобално ниво затоа што според Декларацијата: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“

Фундаменталните постулати на кои се заснова Универзалната декларација за човековите права укажуваат на фактот дека слободите и правата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место.

Оваа година Денот на човековите права ќе биде глобално одбележан под мотото „Поддржи нечие право денес“.  Во своето обраќање до нациите, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун порача дека „Сите ние можеме и мораме секојдневно да дејствуваме во насока на унапредување на човековите права за луѓето околу нас.“

Високиот комесар за човекови права на ОН Заид ал Хусеин истакна дека „Кога некој е злоупотребен или исплашен, треба да направиме чекор кон заштита на неговите права. Кога ќе забележиме дискриминација и експлоатација, можеме да се спротивставиме и да ставиме до знаење дека се противиме и бараме тоа да запре.“

По повод Меѓународниот ден на човековите права, Хелсиншкиот комитет повикува на солидарност помеѓу сите граѓани и отфрлање на манипулациите насочени кон омраза и поделби. Секоја граѓанин, без разлика на неговата етничка и верска припадност или политичко убедување, може и треба застане во одбрана на сопствените права и правата на другите луѓе.

И од Македонското здружение на млади правници ја потенцираат потребата од суштинска заштита на човековите права. Во нашата земја, истакнуваат младите правници, постои јаз помеѓу декларативната заштита на човековите права и она што суштински се случува во општеството.

„Од една страна фразата заштита на човековите права се среќава во изобилство во прописите, во стратешките документи и особено во јавните изјави на претставниците на трите гранки на власта, а пак од друга страна реалноста ни дава сосема поинаква слика. Во Република Македонија се случуваат сериозни повреди на основните човекови слободи и права. Дискриминацијата е присутна и евидентна кон припадниците на ромската етничка заедница, кон ЛГБТИ- заедницата, кон политичките неистомисленици и кон жените. Лицата лишени од слобода се соочуваат со нечовечки услови во затворите и во останатите институции. Последната година се покажа дека е загрижувачки и односот кон бегалците и мигрантите кои транзитираат низ територијата на земјава“, велат од МЗМП.

Особено загрижува фактот, велат од МЗМП, што најголемиот дел од институциите кои, во согласност со Уставот на Република Македонија, се должни да ги штитат човековите права, со исклучок на Народниот правобранител, затаија.

„Наместо тоа, со одредени дејствија од нивна страна, институциите дополнително ја влошија состојбата со човековите права. Проблемите поврзани со независноста и непристрасноста на судството влијаеја негативно на заштитата на човековите права од страна на редовните судови. Од друга страна, пак, Уставниот суд на РМ, кој исто така има надлежност да ги штити човековите права, пристапува со краен формализам и рестриктивност во постапувањето, поради што во 25 години независност само во еден единствен случај нашол повреда на човековите права. Во колкава мера човековите права им се приоритет на народните претставници говори и фактот што Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права, која е воспоставена со Уставот, е целосно нефункционална веќе пет години. Надминувањето на бројните проблеми и подобрувањето на заштитата на човековите права во РМ е можно, меѓутоа нужен е консензус меѓу политичките чинители за давање целосна поддршка на институциите кои се должни да ги штитат човековите права.   Заштитата на човековите права е конечна цел на која Македонското здружение на млади правници работи веќе 13 години, и тоа во сите свои програми, почнувајќи со образование на младите правници, со давање бесплатна правна помош, со стратешко застапување, со заштита од дискриминација, со заштита на правата на децата, како и со заштита на правата на мигрантите и бегалците. На овој важен ден ги охрабруваме граѓаните да продолжат да ни се обраќаат за да придонесеме кон подобра заштита на човековите права!“, истакнуваат од Македонското здружение на млади правници.

Од година и студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе бидат дел од програмата на ООН за учество во активности за заштита на нечии права. Студентите ќе го користат официјалното лого на програмата на ООН и ќе можат активно да се вклучат во промоцијата и заштитата на човековите права во пракса. Поконкретно, студентите заштитници на човековите права ќе можат самоиницијативно да преземаат активности за заштита на нечии права за кои разбрале дека се повредени, или пак доколку некој конкретно им се обрати за заштита на свое лично право.

„Да им се помогне на инфериорните во општеството, на оние луѓе на маргините на општеството на кои им е потребна помош, не само што е хуман предизвик туку за нас претставува и практична можност да ги покажеме нашите знаења кои ги стекнуваме во текот на студиите“, истакнуваат студентите.

M.В