Ден на македонското правосудство
На денешен ден во 1945 година се донесени Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решението на АСНОМ за создавање Суд за судење на престапи против македонската национална чест. Со Повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, како и Врховен суд со седиште во Скопје.
На 31 март 1945 година се донесени Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решението на АСНОМ за создавање Суд за судење на престапи против македонската национална чест.
Со Повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, како и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова, 31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно поставување на темелите на судството во Република Македонија.
Треба да се нагласи дека при создавањето и при правното етаблирање на македонската држава, а со тоа и на македонското судство, значајно место има и донесувањето на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот, усвоена на неговото Прво заседание, на 2 август 1944. Со неа се уредуваат основните права и слободи на човекот и граѓанинот во демократското општество, кои, пак, се во неминовна поврзаност со воспоставувањето на судските органи и на адвокатурата, како институционален механизам на таа заштита.
Исто така, во етаблирањето на македонското судство, значаен е и придонесот на адвокатот Петре Пирузе Мајски кој ја извршува функцијата прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja во периодот од 1944 до 1945, кога дава исклучителен придонес за втемелувањето, за организирањето и за структурирањето на македонскиот правосуден систем и на адвокатурата. На 7 декември 1944 година, во согласност со Решението на Националниот комитет на ослободувањето на Југославија, Петре Пирузе Мајски како министер повереник за правда носи решение со кое се регулира статусот и на Адвокатската комора. Исто така, во 1945 година, на 16 јуни по предлог на адвокатот и министер за правосудство д-р Павел Шатев, Министерскиот совет при АСНОМ донесе решение со кое се создава Скопската адвокатска комора со надлежност на Федерална Македонија, што официјално претставува и актот со кој е основана македонската Адвокатска комора.
Традицијата во судството бележи повеќе периоди
Од Здружението на судии образложуваат дека во Република Македонија традицијата во судството бележи повеќе периоди во кои се формирало судството и ја извршувало својата функција. Првата етапа од развојот на правосудниот систем во Македонија започнува со правосудството на МРО, како составен дел од структурата на Македонската револуционерна организација и како паралелна судска институција преку која се остварувале организациската власт и законодавството на еден дел од територијата на Отоманската Империја.
„Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Македонската револуционерна организација започнала со изградба на својата организациска мрежа и револуционерна власт, а паралелно започнал и процесот на создавање на револуционерното правосудство. Формално-правно, основите на револуционерното правосудство се етаблирани во Првиот устав и Првиот правилник на Македонската револуционерна организација од 1894 година, во кои биле регулирани правата и обврските на организациските членови, како и казните и нивните извршители. Во тој период, Организацијата започнала да ја контролира територијата, а првите напори за создавање на граѓанските судови својата конечна физиономија ја добиваат со Правилникот на ВМОРО, донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година“, наведуваат од Здружението на судии на Република Македонија.
По повод Денот на македонското правосудство, во организација на Здружението на судии на Република Северна Македонија, а со поддршка на OБСЕ Мисијата во Скопје се одржа регионална онлајан конференција, на тема: „Интегритетот на судијата: нужност или потреба”.
На ова конференција учествуваа судии од РСМ и регионот, како и претставници на невладиниот сектор од областа на владеењето на правото. Воведни обраќања имаа судиите: Дамир Контрец, судија на Врховен суд на Република Хрватска и претседател на хрватското Здружение на судии, д-р Мирјана Лазарова Трајковска, судија на Врховен суд на РСМ, Иван Џолев, Претседател на Основен кривичен суд Скопје, а беше презентирано и излагањето на директорт на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, д-р Наташа Габер Дамјановска.
Говорниците се осврнаа на важноста на судскиот интегритет, посочувајќи ги правните и фактички предуслови за зајакнување на истиот, и неговото влијание во зголемувањето на довербата во правосудниот систем, за што беа нотирани релевантни заклучни согледувања.
Во свечениот дел свои обраќања имаа: Претседателот на Врховниот суд на РСМ, судија Беса Адеми и амбасадорот на ОБСЕ Мисијата во Скопје, Клеменс Која, потоа амбасадорот Дејвид Гир – шеф на Делегацијата на Европоската Унија во Република Северна Македонија, како и Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во РСМ и д-р Џемали Саити, Судија на Врховен суд на РСМ и претседател на Здружението на судии на РСМ. (М.В)