/ Прочитано:

3.881

ДЕН НА РЕПУБЛИКАТА

Македонија денес го одбележува Денот на републиката, празник со кој се прославуваат двата големи историски и државотворни настани, Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ.

Денешното празнување се одвива под мотото „Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“, кое е инспирирано од Крушевскиот манифест.

Илинденското востание, кое почнало на 2 август 1903 година, е востание на македонскиот народ против османлиската власт и Отоманската Империја, и врвен дострел на македонското ослободително движење. Во текот на Илинденското востание  прогласена е Крушевската Република, која се засновала врз длабоки демократски принципи, кои најдобро се изразени во Крушевскиот манифест на народновостаничката власт, преку кој се истакнати и социјалните цели на востанието – воспоставување поправедно општество и еднаквост.

Четириесет и една година по Илинденското востание и за време на Втората светска војна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Прохор Пчињски“, одржано е и првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Од државно-правен аспект, АСНОМ претставува  врховно законодавно, извршно и претставничко тело и највисок орган на државната власт во демократска Македонија, додека пак од историски аспект АСНОМ преставува продолжување на илинденските традиции и продолжување на вредностите на Крушевската Република.

На првото заседание на АСНОМ е нагласено дека се исполнуваат целите за кои се бореле илинденците, чија борба продолжува и во антифашистичкиот отпор и постигнување на целите за слободна Македонија.

„Македонија врви кон својата слобода, кон непостигнатиот идеал за кој илјадници ваши другари ги дадоа своите животи во Илинденската епопеја. Вашиот првоборец и другар Димитар Влахов е еден од водачите. Вашето место е покрај вашите синови и внуци. Напред во борбата за идеалите за кои вашата генерација се бореше, а нашата ги исполнува!“, било нагласено на Првото заседание на АСНОМ.

На првото заседанието на АСНОМ усвоени се неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија, со која се гарантира слобода и рамноправност на секој граѓанин. На првото заседание формирана е и Комисија за изработување законски проекти, а Илинден е прогласен за државен празник.

„Илинден, 2 август, се прогласуе за народен државен празник на македонскиот народ и македонската држава, како симбол на сите негови борби за неговото коначно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободната и суверена федерална македонска држава“, се вели во Решението на АСНОМ.

М.В