Денеска пресуда за трагичната смрт на матурантот Мухамед Али Јашари

Вторник, 7 мај 2013 – По две години од загинувањето на матурантот Мухамед Али Јашари во училишниот двор на ГУЦ „Здравко Цветковски“, денеска судот ќе ја објави пресудата за судскиот процес кој се води против тројца обвинети – речиси врсници на Јашари. Обвинетите согласно наводите во обвинителниот акт дошле да се тепаат во училиштето, но конфликтот заврши кобно за Јашари кои се обидел да го заштити својот другар . Со месеци очевидци на тепачката раскажуваа што точно се случило во училишниот двор. Според експертите од судска медицина, Јашари немал вродена срцева аномалија туку имал т.н. капакасто срце кое престанало да чука под дејство на ударот од камен кој според обвинителството бил упатен  од првообвинетиот кој моментно се наоѓа во бегство.

Средина: првообвинетиот Петар Маневски, десно: адв.Ристо Петров

Според обвинението, Јашари го изгубил животот во обид да му помогне на својот другар Дарко Анчевски кој влегол во тепачка со тројцата сега обвинети, односно да ги спречи истите да избегаат од училишниот двор.  Обвинетите  наводно дошле во училиштето за да ги „расчистат сметките“ со Анчевски. Обвинителството ги гони за нанесување на тешки телесни повреди со смртни последици, а родителите на Јашари бараат тие да одговараат за убиство.

На околу 20 рочишта беа сослушани голем број очевидци на тепачката во училиштето. Од Судска медицина се доби објаснување за специфичната состојба на срцето на покојниот Јашари. Одбраната постојано тврдеше дека нема докази кој од обвинетите замавнал со каменот, удар кој беше кобен за Јашари, а обвинителството упорно тврдеше дека станува збор за сторено кривично дело нанесување на тешки телесни повреди со смртни последици, од страна на обвинетите.  

Без вродена срцева аномалија, но Јашари имал капкасто срце

Според Јавното обвинителство причина за смртта е ударот од камен. Вештачењето покажало дека на смртта влијаела специфичната состојба срцето на Јашари. Раководејќи се од доказите и прибавените податоци за фактите во текот на истрагата, по стручната анализа и примената на правните норми прилагодени кон прибраните докази, обвинителството одлучило дека првообвинетиот кој го удрил Јашари, а моментно се наоѓа бегство, треба да одговара за нанесување тешка телесна повреда  со смртни последици, а не за убиство.

Клучно за овој судски процес беше објаснувањето на експертот од судска медицина Алексеј Дума. Тој објасни дека Јашари нема вродена аномалија на срцето, туку имал посебна состојба на срцевиот мускул. Неговото срце го нарече „капкасто срце“, бидејќи било во форма на капка поради постоечката жлезда наречена „тимус“ која вообичаено исчезнува пред пубертетот. Кај Јашари како што наведе тоа не било тоа случај, поради тоа срцето не можело да се развие доволно и останало да виси како капка. Појасни дека при дејвствување на сила, со многу мал интензитет којашто бранува кон внатрешноста, а не остава видливи траги почнува трперење на срцето, што не е случај доколку состојбата на срцевиот мускул е нормална.

Дума во своето излагање потенцираше оваа состојба може да се открие само при специфични испитувања и обдукција на телото, но луѓето со истата функционираат нормално без никави проблеми и затоа не станува збор за аномалија. Додаде дека во праксата ја има ваквата појава иако е ретка, особено кај пубертетлиите, или кај лица што доживуваат поголем стрес. За силата на ударот појасни дека во ваква состојба на срцевиот мускул доволен е и популарно наречениот „панч удар“ познат кај боксот и каратето кој е со мал интензитет не остава видливи траги, а сепак предизвикува летаргија која завршува со смрт.