/ Прочитано:

1.738

Денови на финансиска писменост од 11 до 13 мај

Оваа година, почнувајќи од 11 мај (петок), „Скопје сити мол“, во соработка со Координативното тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Македонија, Народна банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност и Агенцијата  за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, организира „Денови на финансиска писменост” – јавен настан со кој ќе се стави силен акцент на финансиската едукација кај луѓето, ќе се подигне нивото и општата свест  за постигнување на поголема финансиска писменост.

На овој 3-дневен мултимедијален настан свое учество ќе земат голем број финансиски институции, меѓу кои: банки, штедилници, осигурителни компании, брокерски друштва, инвестициски фондови, приватни пензиски фондови, како и микрофинансиски институции.

Настанот ќе овозможи едукација преку изложбен дел каде што посетителите ќе можат да се информираат за сите финансиски параметри во врска со одредени теми што ги засегаат, ќе има презентации на одредени производи од учесниците, како и голема забава за најмладите, кои ќе бидат вклучени во проекти со кои од рана возраст ќе се влијае на нивната финансиска едукација.

Според организаторите, „Денови на Финансиска писменост“ претставува настан што треба да го посети секој.

Ни претставува огромна чест и задоволство што во соработка со Народна банка на Република Македонија сме организатори на еден ваков голем општествено едукативен проект. „Денови на финансиска писменост“ има за цел да ја зголеми финансиската писменост кај посетителите и да ги поттикне факторите за транспарентност и едукација. Сакаме да им овозможиме на граѓаните преку еден мултимедијален пристап да го подобрат своето знаење во врска со финансиските производи“, изјавија од „Скопје сити мол“.

Настанот ќе започне во петок на 11 мај, а ќе трае 3 дена до 13 мај. Мултимедијалните пултови ќе бидат отворени во период од 12:00 до 20:00 часот.

M.В