/ Прочитано:

2.031

Денови на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на Меѓународниот ден на човековите права

Правниот факултет „Јустинијан Први“, денеска и утре, со повеќе активности ќе го одбележи Меѓународниот ден на човековите права. Оваа година тие се во знакот на одбележување 40 години од основањето на Студиите по новинарство за кои утре на Факултетот ќе се одржи свечена академија. Интердисциплинарните (и интерфакултетски) студии по новинарство на Правниот факултет се воведуваат во учебната 1980/81 година.

Универзалната декларација за човекови права е акт усвоен од Генералното собрание на ОН на 10 декември 1948 година, во Париз. Денес, нејзиното историско значење претставува вовед и инспирација за одбележувањето на човековите права ширум светот. Сите човечки суштества, се нагласува во Декларацијата, се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права и секој има право на сите права и слободи. Секој има право на живот, слобода и лична безбедност и никој не смее да биде држен во ропство или потчинетост. Никој не смее да биде подложен на тортура, на суров, нехуман или понижувачки третман или казна и секој има право насекаде да биде признаен како личност пред законот. Сите луѓе се еднакви пред законот и имаат право, без никаква дискриминација, на еднаква заштита со закон.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ е најстарата високообразовна установа во Република Македонија од сферата на правните, политиколошките и комуниколошките науки. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 3 ноември 1951 година, како отсек на Правно-економскиот факултет на Универзитетот во Скопје, а од 1 јули 1956 година работи како прва, самостојна високообразовна институција од областа на правните науки.

Во 2001 година Правниот факултет, по повод 50-годишнината од своето постоење, со одлука на Наставно-научниот совет беше преименуван во Правен факултет „Јустинијан Први” (Facultas Iuridica lustinianus Primus). Во 2016 година Правниот факултет ја прослави 65-годишнината од своето постоење.

Ден на Факултетот е 3 ноември, денот кога со Уредбата, донесена од страна на Владата на НР Македонија, беше основан Правно-економскиот факултет. На Правниот факултет традиционално се одбележува и 10 декември како Меѓународен ден на правата на човекот.

„Преку постојаното осовременување на студиите и создавањето на вистинско знаење, Правниот факултет „Јустинијан Први“ повеќе од 65 години дефинира што треба да биде факултетот. ‘Тука и сега. Секогаш први!’“, гласи мотото на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во рамките на Деновите на Правниот факултет, вечерва во амфитеатарот ќе се одржи 21-от студентски натпревар по јавно говорење – Ораторска вечер „Иво Пухан“.Од 21 пријавен кандидат, во вечерашното финале влегоа 12 студенти од Правниот, но и од други факултети на Скопскиот универзитет.

Традиционалните Ораторски вечери на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кои секоја година се одржуваат по повод светскиот Ден на човековите права – 10-ти декември, го носат името на легендарниот професор по Римско право д-р Иво Пухан, втемелувачот на Катедрата за правно-историски науки. Тој е родоначалник на проучувањето на многу значајни прашања од римското право и прв почнал да го проучува римското право на тогаш новооснованиот Правно-економски факултет во Скопје. Неговите современици и студенти и денес со восхит говорат за него, нарекувајќи го „брилијантниот професор“.

„Тој е човек којшто со посебна умешност, знаење, ораторство на еден стар Римјанин, шарм и брилијантност на еден вистински професор им ги пренесуваше своите знаења и размислувања на слушателите“, истакнуваат неговите современици и студенти.

М.В