/ Прочитано:

4.846

Денови на жалост

Владата ги прогласи 14 и 15 февруари за денови на жалост за граѓаните кои трагично ги загубија животите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци.

Во несреќата животите ги загубија 14 граѓани, а близу 40 се хоспитализирани. Од Министерството за здравство соопштија дека се ангажирани сите ресурси за да се спасат животите на тешко повредените. Правиме сè за да ги спасиме животите на тешко повредените, велат од Министерството.

Според информациите, автобусот се движел на релација Скопје – Тетово,  а несреќата се случила кај селото Ласкарци. Сè уште не се утврдени причините за несреќата. Истрагата ја води надлежниот јавен обвинител. Најавено е вештачење на автобусот, а од возачот се земени крв и урина за анализа. Увидот и извлекувањето на автобусот  продолжуваат денеска.

Од Министерството за транспорт и врски известија дека компанијата „Дурмо турс“ ја имала потребната лиценца за работа и дека нивните возила редовно ги поминувале техничките прегледи.

Жалење и сочувство поради несреќата што се случи на Автопатот Скопје – Тетово, во која загинаа 14 лица, изразија претседателот Ѓорге Иванов,  премиерот Зоран Заев, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, министри, дипломати и пратеници.

Во земјава се откажани манифестации и настани. Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикаа радиодифузерите да ја прилагодат програмата, така што музиката да биде од жанрови соодветни за денови на жалост. Воедно, емитувањето на забавните шоу-програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија да се одложи за други денови од седмицата. Доколку тоа го дозволуваат веќе склучените договори, препорачливо е овие два дена да не се емитува рекламирање.

Сочувство за несреќата изразија и владите на соседните земји. За големата трагедија известуваат и регионалните и светските медиуми.