Депонијата „Дрисла“ казнета во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух
Во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух поведена е прекршочна постапка и ограничување на работата на правниот субјект депонија „Дрисла“ поради регистрирано пречекорување на дозволените граници за испуштање на инцелераторот кој е печка за горење на медицински отпад, информираше на денешната прес-конференција директорот на Државниот инспекторат за животна средина Мирослав Богдановски.
„Казната се движи до 25 илјади евра. Прекршочната комисија донесе спогодбена одлука депонијата да се казни со 8.500 евра. Се постапи по Законот за квалитет на амбиенталниот воздух. Имаат упатства во рок од 90 дена да постават филтри и да го решат проблемот, рече Богдановски.
Богдановски истакна дека депонијата смее да гори само осум часа во денот, не во три смени, како што било претходно, кога тоа го дозволуваат временските прилики. Немањето резервна варијанта за медицинскиот отпад и може биде поголем проблем во однос на складирањето и постапувањето со него. Целиот медицински отпад од Македонија, рече Богдановски, се носи во „Дрисла“ и може да настане голем проблем.
Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, Инспекторатот има реализирано 15 вонредни инспекциски надзори во Скопје и Тетово, во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, при што за еден правен субјект е поведена постапка за спогодување, додека во изминатите три години немало ниту една санкција за ниту еден правен субјект.
Со Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух се уредуваат мерките за избегнување, спречување или намалување на штетните ефекти од загадувањето на амбиенталниот воздух врз човековото здравје, како и за животната средина како целина, преку утврдување на гранични и целни вредности за квалитет на амбиенталниот воздух и прагови на алармирање и праг на информирање, гранични и целни вредности за емисии, формирање на единствен систем за следење и контрола на квалитетот на амбиенталниот воздух и следење на изворите на емисии, сеопфатен систем за управување со квалитетот на амбиенталниот воздух и изворите на емисии, информативен систем, како и други мерки за заштита од одредени активности на правните и физичките лица кои имаат директно или индиректно влијание врз квалитетот на амбиенталниот воздух.
Одредбите на овој закон се однесуваат на амбиенталниот воздух освен загадување на амбиенталниот воздух предизвикано од радиоактивни супстанции, бучава и елементарни непогоди и загадување на воздухот во работната средина.
Во Законот се дефинира дека квалитет на амбиенталниот воздух е состојба на амбиенталниот воздух прикажан преку степенот на загаденост, а загадувањето на воздухот е промена на квалитетот на амбиенталниот воздух како резултат на човековите дејства со непосредно или посредно внесување на загадувачки супстанции коишто можат да бидат штетни врз човековото здравје и животната средина, или да предизвикаат штета по материјалниот имот и ги нарушуваат или влијаат врз природните убавини и другите легитимни начини на користење на животната средина. Загадувачка супстанција на воздухот е секоја супстанција што човекот непосредно или посредно ја внесува во амбиенталниот воздух, а за којашто постои веројатност дека ќе има штетни ефекти врз човековото здравје, односно врз животната средина како целина.
За време на активностите што би можеле да имаат влијание врз квалитетот на амбиенталниот воздух, се пропишува во Законот, секој е должен да се однесува внимателно и одговорно за да се избегне и спречи загадувањето на амбиенталниот воздух и штетните ефекти врз човековото здравје и животната средина во целина.
M.В