/ Прочитано:

1.441

Десет години од имплементација на ЦЕФТА-Договорот – резултати, предизвици и идни насоки за остварување на поголема трговска размена

Во Белград беше одржана конференција на која беше одбележан јубилејот 10-годишнина од имплементацијата на ЦЕФТА-Договорот.

„Имајќи предвид дека во фокус на ЦЕФТА-Договорот е зголемувањето на соработката на економски план, претседателите на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Србија, Бранко Азески и Марко Чадеж, во своите обраќања ја истакнаа важноста на имплементацијата на ЦЕФТА-Договорот за поединечните економии, а во согласност со тоа, и бенефициите кои компаниите можат да ги искористат од достапноста на поголемиот заеднички пазар“, истакнуваат од Стопанската комора на Македонија.

ЦЕФТА-регионот, велат од Комората,  е втор најважен трговски партнер на компаниите од Р Македонија (по земјите од ЕУ) и со натамошното регионално поврзување и со развивањето на  регионалните форми на соработка ќе се забрза процесот на целосна интеграција на регионот.

Во согласност со економските индикатори, растот на обемот на трговската размена на Македонија со земјите потписнички на ЦЕФТА-Договорот беше евидентиран од почетокот на спроведувањето на Договорот. Од 2006 година, кога беше потпишан Договорот, растот на трговијата меѓу Македонија и останатите ЦЕФТА-земји порасна за 35,7 %  во 2007, односно 35,5 %  во 2008 година. Но тој тренд не се задржа во годините што следуваа. За целиот период од десет години, учеството на размената со земјите од ЦЕФТА во вкупната трговија на Македонија се движеше од 18,7 % (во 2007 година) до 20,7 % (во 2009 година), за од 2010 година тоа учество да почне да се намалува и во последните две години изнесуваше околу 11 %.

Вкупната размена на Република Македонија со ЦЕФТА-земјите во изминатите 10 години изнесува 16,1 милијарда американски долари, од кои половината отпаѓаат на размената со Србија. За целиот овој период, Македонија има остварено трговски суфицит од 2,8 милијарди долари, што во најголема мера се должи на соработката со Косово, односно реализираниот суфицит со Косово учествува со 77,5 % од вкупниот суфицит кој го имаме со останатите земји од ЦЕФТА-регионот. Поконкретно, континуиран суфицит во размената имаме со Албанија, БиХ, Црна Гора и со Косово.

„Но гледано по години, суфицитот на наша страна е присутен од 2006 година до 2013 година, а веќе во 2014 и 2015 година бележиме трговски дефицит. Тој се должи делумно на Хрватска која од 1 јули 2013 година стана членка на Европската Унија, но најмногу на Косово, каде што имавме значително учество на страната на извозот. Заклучно со 2011 година имавме континуиран раст на извозот во Косово, кој во последните 4 години почна полека да се топи, со што од реализиран извоз од 541 милион долари во 2011 година, во 2015 година падна на 187 милиони долари. Инаку, најголемо учество во извозот, како и во увозот на Република Македoнија во и од ЦЕФТА-земјите имаат: земјоделско-прехранбени производи, производи од црната и обоената металургија, лекови и градежни материјали“, посочуваат од Стопанската комора на Македонија.

На останатите панели на конференцијата беше дискутирано за постигнатите резултати од ЦЕФТА-Договорот во минатите десет години од аспект на регионот, насоките за развој на дијалогот помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и за предизвиците при примената на ЦЕФТА-Договорот.

M.В