/ Прочитано:

2.189

Десет осмничени чекаат екстрадиција од земјите со кои Македонија има потпишано договор

Денеска ваков билатерален договор за екстрадиција беше потпишан и со Италија, со што бројот на државите со кои Македонија има потпишано договори за екстрадиција се искачи на пет. Меѓу земјите со кои досега има потпишано договор за екстрадиција се: Србија, Косово, Хрватска и Црна Гора. Во тек се преговори за склучување на вакви договори и со други земји од регионот и од Европската Унија.

Потпишување на билатерални договори помеѓу Република Македонија и Република Италија

Македонија очекува десет лица осомничени за криминал да бидат испорачани во земјава од страна на земјите со кои таа има склучено договори за екстрадиција. Министерот за правда, Валдет Џафери, вели дека десет постапки за екстрадиција се во тек, но точниот број на лица кои треба да ни бидат испорачани вели дека постојано се менува бидејќи се дополнуваат условите за екстрадиционата постапка или се пронаоѓаат нови лица кои ги бара земјава.

Денеска ваков билатерален договор за екстрадиција беше потпишан и со Италија, со што бројот на државите со кои Македонија има потпишано договори за екстрадиција се искачи на пет. Меѓу земјите со кои досега има потпишано договор за екстрадиција се: Србија, Косово, Хрватска и Црна Гора. Во тек се преговори за склучување на вакви договори и со други земји од регионот и од Европската Унија.

Двата договори од кривичната област, кои беа парафирани денеска, се подготвувале четири-пет години, а ќе стапат во сила по нивната ратификација во парламентите во Македонија и во Италија.

Дополнителниот билатерален Договор помеѓу Република Македонија и Република Италија кон Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривичната материја е со цел да се олесни примената на оваа конвенцијата, додека пак целта на дополнителниот билатерален Договор помеѓу Република Македонија и Република Италија кон Конвенцијата за екстрадиција е олеснување на испорачувањето на државјани во двете земји.

„Договорите регулираат прашања за делокругот за давање правна помош, извршување на барањето за давање на правна помош и негово одложување, пренос на барањата за правна помош, начин на комуникација со видеоконференција, екстрадиција на сопствени државјани за кривични дела од областа на организираниот криминал, корупција, перење пари, идентификација на банкарски и финансиски податоци“, изјави Џафери.

Потпишување на билатерални договори помеѓу Република Македонија и Република Италија

Италијанскиот министер за правда Андреа Орландо истакна дека во ерата на глобален тероризам ваквите договори им овозможуваат на земјите потписнички поуспешна соработка и справување со меѓународниот криминал.

„Соработката со Република Македонија за нас е многу важна и најважно е ваквите договори соодветно да бидат применети во законодавствата и во праксата на секоја земја. Со ваквите договори, кои ги склучуваат Македонија и Италија, сакаме да ја истакнеме нашата поддршка и да ја поттикнеме Македонија на нејзиниот пат кон евроатланска интеграција“, изјави Орландо.

Министерот за правда Џафери истакна дека соработката помеѓу двете земји е коректна и дека и во минатото биле реализирани екстрадиции од Италија, додека пак Италија досега не побарала екстрадиција од Македонија.

Последната екстрадиција во Македонија беше извршена од Косово. На земјава ѝ беше испорачан Сулејман Османи од Косово, кој е обвинет за случувањата во кумановската Дива Населба од 9 и 10 мај минатата година.

Неодамна од Србија беше екстрадиран и новинарот Зоран Божиновски кој се товари за шпионажа.

Поранешниот прв цариник Драган Даравелски, кој е во Србија повеќе години, сè уште не ѝ е испорачан на земјава, иако имаше најави дека по неговото апсење во март годинава ќе биде екстрадиран во Македонија.

Земјава сè уште чека да бидат екстрадирани од Косово осомничените во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени на доживотна казна затвор во отсуство.

М. С.