/ Прочитано:

582

Десетгодишен проект меѓу Собранието и Националниот демократски институт

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Весел Мемеди, и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, остварија средба со новиот претседател на Националниот демократски институт (НДИ) од Вашингтон, Дерек Мичел, во придружба на Роберт Бенџамин, регионален директор на НДИ за Централна и Источна Европа и претставници на НДИ. Во фокусот на разговорите беше 10-годишниот проект меѓу Собранието и НДИ, кој има цел да ја зајакне независноста на законодавниот дом.

Потпретседателот Мемеди се заблагодари за поддршката, потсетувајќи на значајната улога што ја има НДИ во земјата во поглед на отчетноста и транспарентноста на сите јавни институции.

Претседателот Мичел, од своја страна, ја потенцираше посветеноста на нашата земја на напредокот, определувајќи ги наредните две години како клучни за развојот на овдешната демократија. „Различните партии мораат да работат заедно, исправени пред предизвикот, а Парламентот мора да остане посветен на граѓаните“, рече Мичел. Исто така, тој информираше дека ќе го потпишат Договорот за грантот со Швајцарците.

Генералната секретарка Иванова истакна дека соработката на Собранието со НДИ од 2002 година го продолжува својот континуитет со овој 10-годишен проект, којшто треба да значи реализирање на сонот за независно собрание, кое покрај законодавната ќе ја има и надзорна улога и ќе биде место каде што ќе творат различни политички автори. Таа потсети на успешните приказни со НДИ, како што се Парламентарниот институт, канцелариите за контакт со граѓаните и Клубот на пратенички. Исто така, додаде дека тука е и актуелниот Стратешки план, донесен со консензус, кој покажува во каква насока сакаме да се движиме, односно создавање на независен и потранспарентен парламент со независна администрација, обезбедување и финансии.

Регионалниот директор Бенџамин ја истакна улогата на Парламентот како основа на демократијата. „Силен Парламент, значи силна демократија“, рече Бенџамин и притоа ја изрази подготвеноста и посветеноста на тимот за работа и во тој контекст рече: „Ова е ваш проект, а ние сме во ваша служба.“

Од НДИ беше покажан интерес за односите меѓу Собранието и граѓанското општество и во таа насока потпретседателот Мемеди рече дека оваа релација е добра, но не е доволна. Собранието работи за граѓаните, но ефектот од работата не е доволно промовиран, со оглед на тоа што Парламентот нема своја телевизиска станица, свои финансиски средства и лице задолжено за односи со јавноста. Токму затоа, треба да се искористат можностите што ги нуди проектот.

Во овој контекст генералната секретарка Иванова дополни дека со новиот Деловник ќе се регулира јавната расправа, со јасна процедура и регистер на невладини организации по области на дејствување, што досега не беше случај. Исто така, таа ја најави предвидената новина во Собранието за средба на претседателот на Собранието и претставници на политичките партии со граѓанските организации и медиумите, на која ќе одговараат на прашања.

Присутните беа едногласни во очекувањата и овој 10-годишен проект меѓу Собранието и НДИ да биде уште една успешна заедничка приказна.