/ Прочитано:

1.576

ДЕСКОСКА: Ревизијата на учебниците е во тек, Кембриџ уште минатата година предупредувал на слабостите

Во тек е процесот на ревизија на учебниците во основното и средното образование. За оваа цел, Министерството направи онлајн прашалник кој е доставен до училиштата, со цел наставниците да го дадат своето мислење за квалитетот и потребата од промени на учебниците по кои предаваат, истакна на денешната прес-конференција, министерката за образование и наука Рената Дескоска.

Како што појасни министерката, рок за да го пополнат прашалникот наставниците имаат до 15 овој септември, а потоа, како што најави министерката, ќе се формираат групи што ќе ги анализираат одговорите од наставниците.

Дескоска, исто така, нагласи дека учебниците по граѓанско образование за осмо одделение и по општество за 4. одделение кои се повлечени со решение на министерката за образование и наука не треба да се користат, а Комисијата која работела на нивно разгледување утврди и други спорни содржини покрај за оние за кои беа поднесени претставки.

„Учебниците се повлечени и учениците и наставниците не треба да ги користат во наставата, а Бирото за развој до крајот на неделата треба на својата веб-страница да објави прирачник за наставниците според кој тие ќе предаваат по овие два предмета“, вели министерката за образование и наука Рената Треневска-Дескоска.

До мене, вели министерката, стигнаа информации дека биле поделени повлечените учебници и тоа е спротивно на решението што го донесов. Повторно ќе бидат испратени укажувања до сите училишта, но со посебно укажување до оние за кои имаме информации дека биле поделени учебниците.

Учебниците беа повлечени поради утврдени дискриминаторски содржини и стереотипи, а по поднесени претставки. До 15 септември, како што кажа министерката, тече и рокот за пополнување на електронскиот прашалник кој е доставен до училиштата, со цел наставниците да го дадат своето мислење за квалитетот и потребата од промени на учебниците по кои предаваат.

„Ги поздравуваме мислењето на Народниот правобранител и решението за повлекување на учебникот од употреба на министерката за образование и се надеваме дека ваквата практика ќе продолжи и во иднина, за сите учебници со дискриминаторска содржина. Воедно, бараме од Министерството за образование и наука да ја вклучи Мрежата за заштита од дискриминација во процесите на ревизија на учебниците и наставните содржини, со цел да обезбеди партиципативност во процесот и почитување на забраната на дискриминација во образованието“, истакнуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Министерката за образование денеска истакна и дека „Кембриџ интернешнал“ уште во 2016 година ја информирал Владата дека е потребно повеќе време за да се реализира „Кембриџ програмата“ за средните училишта.

„Во второто писмо ‘Кембриџ интернешнал‘ укажува дека е потребно време од 18 месеци до две години и за адаптација на учебниците, а со оглед на тесните рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи слабости. За жал, во тој процес воден од претходната Влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот Кембриџ, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на Кембриџ. За тоа кој имал корист од тоа, оставам јавноста да суди“, рече Дескоска.

М.В