/ Прочитано:

2.023

Деветнаесет години казна затвор за убиството на медицинската сестра од Детската клиника

Кузмановски се товареше за кривичното дело „убиство на бремено лице“ бидејќи Дијана, со која бил во љубовна врска, во тоа време била бремена.

obinet-ubistvo-medicinska-sestra

Кривичниот суд во Скопје го прогласи Никола Кузмановски за виновен и му одреди казна затвор во траење од 19 години за убиството на медицинската сестра Дијана Здравковска што се случи на 9 јануари 2015 на поткровјето на Детската клиника во Скопје.

Кузмановски се товареше за кривичното дело „убиство на бремено лице“ бидејќи Дијана, со која бил во љубовна врска, во тоа време била бремена.

Според Обвинителството, смртта на Дијана настапила насилно, со задушување сторено од страна на Никола.

Имено, во обвинителниот акт се наведува дека тој делото го извршил по претходна вербална расправија, по што со употреба на сила ја турнал на подот сега починатата. Здравковска, удирајќи со главата на подот, при падот се здобила со повреда што не ѝ го загрозувала животот. Според Обвинителството,  користејќи ја состојбата во која оштетената поради повредата не можела да дава отпор, обвинетиот со едната рака ја фатил за вратот и почнал да ја стега, а со другата рака во исто време ѝ ги затнал носот и устата, давејќи ја, сѐ додека не престанала да покажува знаци на живот, по што настапила смрт кај оштетената како резултат на насилното задушување.

Кузмановски за време на процесот го негираше делото.

Судот одлучи Кузмановски да остане во притвор до правосилност на пресудата.

Адвокатот на Кузмановски, Ѕвонко Давидовиќ, истакна дека биле свесни дека е висока запретената казна, но не очекувале пресудата да биде на 19 години казна затвор, што според него е превисока. Тој најави жалба до повисокиот суд.

Обвинетиот за убиството на медицинската сестра на Детската клиника не се чувствува виновен